Циклус руски филмови насловен „Војна и мир во рускиот филм“ од утре до 14 мај ќе се прикажуваат во центрите за култура во 14 градови во земјава за кои беа набавени дигитални проектори како дел од проектот за активирање на киносалите во Македонија, инициран од Владата, Министерството за култура и Филмскиот фонд.
Ќе бидат прикажани шест руски филмови: „Ѕвезда“ во режија на Николај Лебедев, „Ослободувањето: Последен јуриш“ во режија на Јуриј Озеров, „Летаат жеравите“ во режија на Михаил Калатозов, „Поп“ во режија на Владимир Хотиненко, „Една војна“ во режија на Вера Глаголева и „Ние сме од иднината“ во режија на Андреј Маљуков.
Директорот на Филмскиот фонд на Македонија Дарко Башески денеска на прес-конференција рече дека почнуваат со програма во новите кина низ Македонија, која ја подготвувале изминатите месеци во соработка со Амбасадата на Руската Федерација, Рускиот културен центар од Софија и институциите во државата. Посочи дека станува збор за филмови кои не биле досега прикажани и се за различни генерации.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека пред македонската јавност ќе бидат презентирани врвните остварувања на светски етаблираната, руска кинематографија.
– Нашите културните врски ќе се збогатат и преку овој проект и преку отворањето на културните центри на Република Македонија во Руската Федерација и Рускиот културен центар во Македонија со цел да има што повеќе реализација на македонски проекти во Руската Федерација и руската култура да биде што повеќе присутна во Македонија, рече Канческа-Милевска.
Таа информира дека се набавени и монтирани нови дигитални проектори со кои беа опремени центрите за култура во Кочани, Куманово, Неготино, Струга, Охрид, Кичево, Прилеп, Велес, Тетово, Гостивар, Струмица, Крива Паланка и Дебар.
– Реализацијата на овој проект имаше многу придобивки во контекст на развивањето на филмската култура и предизвика голем интерес кај граѓаните кои со голема посетеност проследија многу нови светски остварувања. Проектот ја збогати културната понуда во овие градови, а граѓаните добија можност да ги видат и домашните филмови кои изминатиот период беа реализирани со помош на Владата, Министерството за култура и Филмскиот фонд. Овој проект и новата опрема овозможија над 90.000 гледачи да го видат филмот „Трето полувреме“, рече Канческа-Милевска.
Таа нагласи дека Владата донела одлука за набавка на дополнителна кино-опрема за центрите за култура во Кратово, Радовиш, Ресен и Пробиштип.
– Би сакала да го изразам моето уверување дека со реализација на ваквите проекти и со заживувањето на кино-мрежата ќе бидеме во тек со технолошкиот развој на филмот и брзата доминација на дигиталните медиуми и процеси на дигитална продукција и дистрибуција на филмовите. На овој начин и граѓаните ќе имаат поголема достапност до врвните вредности кои се создаваат во светот на филмот, кај нас и пошироко, додаде министерката Канческа-Милевска.
Рускиот амбасадор Олег Шчербак рече дека уникатноста на овој проект е во тоа што во неколку градови ќе почне Неделата на рускиот филм, која е посветена на многу остра тема „Војна и мир“. Посочи дека меѓу филмовите кои Македонците ќе имаат можност да ги погледнат се вбројуваат и светски ремек дела на кинематографијата, како и нови филмови на млади режисери.
– Убеден сум дека на македонските гледачи ќе им се допаднат овие филмови. Очекувам дека и понатаму ќе се одржуваат вакви недели на рускиот филм. Има голема симболика во тоа што Ревијата на руски филмови почнува на 9 мај кога се одбележува победата врз фашизмот, ќе се одбележува 68. годишнина од победата во Втората светска војна. Оваа недела на рускиот филм за сите нас ќе биде потсетување на оние тешкотии кои ги носи војната и за оние жртви кои нашите народи ги имаат положено на олтарот на победата, истакна Шчербак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.