Со филмот „28 ПАНФИЛОВЦИ’ утре, вторник 9 мај, во Кинотеката на Македонија започнува филмскиот циклус руски воени филмови т.е. ФИЛМСКАТА НЕДЕЛА ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА. За време на циклусот што ќе трае до 13 мај, ќе бидат прикажани уште 4 руски филмови со воена тематика. Циклусот е реализиран во соработка со Амбасадата на Руската Федерација.
Особено задоволство ни е што на отворањето ќе го прикажеме новиот филмски воен спектакл 28 ПАНФИЛОВЦИ,филм што предизвика различни реакции во филмскиот свет (и не само во филмскиот свет), реакции што непринципиелно и лаички излегоа надвор од критичката осервација пригодна за еден филм. Независно од тоа, мора да се каже дека се работи за исклучително филмско остварување што ги надминува рамките на жанрот. Филмот е реализиран супериорно, со најсовремена техника и функционира на сите нивоа – драматургија, режија, актерска игра, техника. Филмот очигледно подвлекува референци што се однесуваат на филмовите СЕДУММИНАТА САМУРАИ на Куросава и СЕДУММИНАТА ВЕЛИЧЕСТВЕНИ на Џон Старџис – филмови што ја креирале историјата на филмот – при што е јасна намерата (со користењето на таквата постапка) на авторите (Ким Дружинин, Андреј Шалопа) да ја одвојат легендата од вистината. „Ова е филм за хероите, не е документарец“, во една прилика ќе изјави за овој врвен историски спектакл продуцентот на филмот Антон Јудиншев.
Филмот 28 ПАНФИЛОВЦИ е снимен со помош на буџет кој бил собран со помош на т.н. „crowdfunding”, што всушност значи финансирање или вложување средства за реализирање на одреден проект со помош на собирање на парични средства од голем број луѓе. Овој начин на собирање на финански средства стана популарен во последниве години, по што на светскиот пазар се појавија т.н “crowdfunding” платформи како “IndieGoGo”, “Kickstarter”, “Microventures” со чија помош се реализираат најразлични проекти, од филмови па се до научни потфати. На овој начин филмот 28 ПАНФИЛОВЦИ собрал повеќе од 34 милиони рубљи (над половина милион евра) и така тој стана најуспешниот филмски “crowdfunding” проект во кој донирале точно 35.086 луѓе, сите наведени на одјавната шпица на филмот.
Сите тенкови во филмот се модели комбинирани со снимки од екстериери. Моделите се правени во размер 1:16, додека ентериерите во тенковите се сценографии изградени според оригиналниот изглед на внатрешноста во тенковите. Ова е еден од најнестрпливо очекуваните филмови во Русија кој ги оправда очекувањата и на публиката и на оние што донирале во филмот.
9 мај (вторник) 19:00 ч.
28 ПАНФИЛОВЦИ
(28 панфиловцев/ Panfilov’s 28 Men)
Игран филм, Русија
2016 г., 105 мин., колор, ХД
Режисер: Ким Дружинин, Андреј Шалопа (Kim Druzhinin, Andrey Shalopa)
Сценарио: Андреј Шалопа (Andrey Shalopa)
Улоги: Максим Абросимов, Сергеј Агафонов, Максим Белбородов (Maksim Abrosimov, Sergey Agafonov, Maksim Belborodov)
СССР, доцен ноември, 1941 година. Приказна според сведоштвото на репортерот Василиј Коротеев кое било објвено во весникот „Црвена ѕвезда“ на Црвената армија. Филмот 28 ПАНФИЛОВЦИ ја раскажува приказната за легендарните 28-мина војници на Црвената армија од 316 пешадиска дивизија кои под команда на генералот Иван Панфилов (од каде доаѓа и насловот на филмот „28 ПАНФИЛОВЦИ“) во студениот ноември во 1941 година со денови се спротивставувале на 54-те нацистички тенкови од 11-тата Панцер дивизија кои напредувале кон Москва.
Иако биле вооружени само со стандардна опрема „мосин-нангант“ пушки за пешадија и митралези, кои се бескорисни против тенкови, и со сосема несоодвенти противтенковски гранати, тие неуморно, непокорно, со невообичаена храброст и непоколеблива посветеност, се бореле за да ја заштитат Москва и нивната татковина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.