По највозбудливиот од синоќешните пет натпревари од плејофот за пласман во групната фаза на Лигата на шампионите, Порто и Рома одиграа 1-1 (0-1) на „Драгао“ во Порто и одлуката за патникот меѓу 32 среќници ќе се знае во Италија следната недела.
Спалети офанзивно ја постави екипата и во првите 20-30 минути Рома доминираше во поседот на топката, а најзрелата шанса ја имаше кога Касилјас грубо погреши, а Џеко имаше зицер и празен гол, но неговиот удар го одбрани Телез на гол-линијата. Сепак, во 21. минута по корнерот од десната страна, Фелипе си даде почетнички автогол на премиерниот европски натпревар за Порто.
Работите изгледаа идилично за италијанскиот претставник, но уште еден дебитант, Томас Вермален неодговорно го фаулираше Андре во 41. минута и холандскиот судија Кјуперс го исклучи заради два жолти картони. Рома како-така се одбрани до одморот, но во продолжението следеше „викторија“ пред голот на Алисон.
Во 47. минута Шпанецот Адријан Лопез постигна гол за израмнување, но во консултација со своите асистенти, Кјуперс оправдано го поништи заради недозволена позиција. Спалети ја врати екипата во дефанзива, влезе Емерсон и беше невнимателен по корнерот на Херера и играше со рака. Кјуперс покажа на белата точка, а Андре Силва во 61. минута го реализира пеналот и израмни на 1-1.
До крајот Порто целосно ја принуди Рома да игра во својот казнен простор, имаше и две шанси преку Октавио и Андре Силва, но остана 1-1 пред реваншот наредниот вторник на „Олимпико“.
Во останатите дуели, Селтик иако прими два гола на свој терен од изралескиот тим Хапоел со пет погодоци се чини дека веќе се пласираше во групната фаза, ако не се случи некое чудо на гостински терен.
Легија беше подобар противник на гостувањето кај Дундалк и славеше со 2-0, и реваншот во Полска ќе биде само формалност.
Бугарскиот шампион Лудогорец докажа дека вложувањата во тимот на богатиот сопственик воопшто не се залудни. По елиминацијата на Црвена звезда во претходното коло, со победа од 2-0 на домашен терен над Викторија Плзен со едната нога веќе е во групната фаза од Лигата на шампионите.
Интересен натпревар одиграа и Вилјареал и Монако, во кој клубот од кнежевството славеше значајна победа на гости од 2-1.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.