Годинава во Рио се оствари една од најпознатите сцени од филмот „Огнени кочии“, сцената во која еден од главните јунаци на нестварна атлетска приказна паѓа среде трка, но се подигнува, ги престигнува ривалите и победува.
Мо Фара во Рио пристигна како двоен олимписки шампион во трките на 5.000 и на 10.000 метри. На подолгата делница по злато појде минатата ноќ, свесен дека ќе му биде потешко од кога и да е, зашто Кениецот Пол Кипнгетич Тануи и Етиопјанецот Тамират Тола покажаа дека можат да го победат.
Но, овој 33-годишен Сомалиец, кој веќе 19 години трча под знамето на Велика Британија, не сакаше да размислува за другите, зашто и овојпат дојде за да ги остави сите зад себе. Од почетокот трката беше побавна одошто планирал, па во вториот круг успеа и да им мавне на своите. Во десеттиот круг забележа дека Тануи и Тола и уште неколкумина се одделуваат, па се обиде да се издели од групата и да ги пристигне. Меѓутоа, во тој обид, атлетичарите пред него нагло забавија, па тој се заплетка со колега и славниот шампион паѓа. Еден од ривалите го прескокнува. Сите други го претекнуваат.
-Си велев стани, само стани, крени се. И не паничи, Никако немој да паничиш, вели Фара.
Американецот Глејн Руп, кој бил зад него, го прашал дали е се во ред. Фара му одговорил со кренат палец, а Американецот му викнал: „Ајде, држи се за мене, трчај зад мене“. И го повел.
Дури и на шампионите им се потребни пријатели.
„Готова ли е трката? Заврши ли? Не… не… Ѝ ветив на ќерка ми Ријана дека ќе ѝ донесам медал. Нема да ја изневерам“, се бодрел Фара во мислите и потрчал по пријателот.
Кенијците веќе биле многу напред, но со секој чекор Фара ја намалувал предноста.
Тануи влезе прв во последниот круг. Но, во завршницата на нестварното финале, како на филм, човекот кој претходно падна, навистина ги претекна сите и прв помина низ целта.
Фара е единствениот Британец кој на три Олимпијади успеал да земе злато во оваа категорија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)