| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска почнуваат уписите на факултетите во Битола, Штип и Охрид, утре во Тетово, в четврток во Скопје

Пријавувањето за упис во прва година додипломски студии за 2016/2017 година на три државни универзитети (Битола, Штип и Охрид) почнува денеска, во Тетово утре и во Скопје во четврток.

Вкупно се слободни 24.356 места, од кои 13.536 за редовни студенти во државна квота, 7.327 места за студентите со кофинансирање и 3.493 слободни места за вонредни студенти.

Најмногу слободни места (10.535) има на најстариот и најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од нив, 6.606 се за редовни студенти во државна квота, 2.819 за квота редовни студенти со кофинансирање и 1.110 за вонредни студенти.

Надоместот за редовните студенти е 200 евра односно 100 евра за дисперзирани студиски програми, а износот за студиите со кофинансирање се движи од 100 до 400 евра.

Пријавувањето на кандидатите во првиот уписен рок на УКИМ е на 18-ти и 19-ти август. Вториот уписен рок е на 5 септември, а на факултетите на кои ќе останат слободни места ќе има и трет рок на 15 септември, кога и почнува новата академска година.

На универзитетите во Битола и Штип пријавувањето во првиот рок е на 15-ти, 16-ти и 17 август, а во Охрид на 15-ти и 16 август. На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има 3.543 слободни места, од кои 2.040 за редовни студенти во државна квота, 790 за квота редовни студенти со кофинансирање и 713 за вонредни студенти.

Вториот рок за пријавување на УКЛО е на 1-ви и 2 септември, а третиот на 14 септември.

На Државниот универзитет во Тетово има 4.600 слободни места, од кои 1.335 за редовни студенти во државна квота, 2.600 за квота редовни студенти со кофинансирање и 665 за вонредни студенти. Првиот уписен рок е од 16-ти до 19 август, а вториот е од 30 август до 2 септември.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има 5.238 слободни места, од кои 3.335 заредовни студенти во државна квота, 1.008 за квота редовни студенти со кофинасирање и 895 за вонредни студенти.

По трите дена за запишување во првиот рок (15-17 август), вториот рок на Штипскиот универзитет е на 25-ти и 26 август, а третиот на 5-ти и 6 септември.

На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид слободни се 440 места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота, 110 за квота редовни студенти со кофинасирање и 110 за вонредни студенти. Вториот уписен рок е на 1- ви, а третиот на 14 септември.

Министерството за образование и наука информираше дека при креирањето на конкурсите за јавните високообразовни институции предвид се земени податоците од анализите за понудата и побарувачката на пазарот на трудот, како и проекциите за идните побарувани занимања.

– И годинава потребно е да се обрне внимание на техничките струки, особено на инженерството, градежништвото, производството, како и на природните науки и математиката, рече заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски во јуни на објавувањето на конкурсот за запишување во прва година студии во академската 2016/2017 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top