| четврток, 6 декември 2018 |

Грција испраќа помош за поплавените подрачја во Македонија

grcija parlament

По налог на грчката влада, попладнево во Македонија ќе биде доставен првиот дел од помошта на Грција за катастрофата предизвикана од поплавите на 6 август, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи.

Генералниот секретаријат за заштита на граѓаните со помош на противпожарната служба испраќа пет преносливи пумпи и пет генератори за да им помогне на луѓето погодени од поплавите.

Грчкото МНР уште соопшти дека во тек се консултации меѓу Министерството за цивилна заштита и македонското Министерство за внатрешни работи за дополнителна помош, која на македонските власти им е потребна за да се одговори на потребите на погодените во поплавите.

Во меѓувреме, Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека преку Механизмот за цивилна заштита од ЕУ, донацијата од Грција ќе пристигне околу 16.30 часот.

Донацијата ќе ја предаде заменик-амбасадорот од амбасадата на Грција во Скопје, а на примопредавањето на донацијата ќе присуствуваат и претставници од Владата на Република Македонија. Ќе биде предадена во кругот на касарната „Гоце Делчев“ во населбата Аеродром каде што се наоѓаат просториите на Дирекцијата за заштита и спасување.

– Со ова почнува пристигнувањето на очекуваната помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската унија, чијашто членка е и Република Македонија преку Дирекцијата за заштита и спасување – посочуваат од Дирекцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top