МЗТ Скопје ги пополнува и последните места во ростерот за следната сезона, а најзвучното засилување барем засега е Џеремаја Мејси. Поранешниот македонски репрезентативец своевремено го носеше дресот на Реал Мадрид, а сега ќе му биде на располагање на тренерот Емил Рајковиќ, кој ги склопува коцките од мозаикот за „металците“ за македонскиот првак достојно да се претстави во Еврокупот, а воедно и да атакува на висок пласман во АБА-лигата.
– Мејси е кошаркар што го следевме повеќе од еден месец, многу пати разговаравме и на крајот успеавме да го убедиме да дојде во МЗТ Скопје. На овој трансфер гледаме како на голем успех бидејќи привлековме играч кој до пред неколку години играше на високо ниво. Не очекувам чуда од него, но она што е јасно е дека е тој роден лидер, играч што може да го реши секој натпревар. Најважно, сепак, ќе биде тој да биде 100% подготвен за предизвиците што ќе претстојат бидејќи во октомври пред нас ќе биде пеколен распоред. Во последните две години тој играше во Либан и во Аргентина и прашање е колку е подготвен за напорна сезона во Европа, затоа и ќе работиме интензивно во подготвителниот период за сите играчи во добра форма да го дочекаат стартот на сезонава – изјави Емил Рајковиќ.
„Металците“, покрај Мејси, доведоа уште неколку засилувања, од ланскиот тим повторно е потпишан Дреновац, од Куманово се врати Марко Симоновски, а дресот на МЗТ во следната сезона ќе го носат и Холанѓанецот Клоф, потоа екс-капитенот Урош Лукиќ, како и хрватскиот центар Јуре Лалиќ и Американецот Џош Скот.
– Целта ми е да составам екипа што ќе биде подготвена за борба на секој натпревар, што ќе се бори буквално за секоја топка. Секако дека нема да биде лесно, особено во Еврокупот, но ќе инсистирам на голема битка, за нашиот тим да покажува карактер токму против најсилните екипи – истакнува Рајковиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.