| четврток, 6 декември 2018 |

Мареј на работ на бездната, но сепак најде сили и се пласираше во четвртфиналето

endi marej

Енди Мареј се пласираше во четвртфиналето од тенискиот турнир на ОИ, откако по голема битка успеа да го елиминира Фабио Фоњини со 2-1 во сетови. Бранителот на златниот медал од пред четири години во Лондон се најде на работ на елиминација откако по раното водство од 6-1 најпрвин го загуби вториот сет со 2-6, а потоа во решавачкиот сет имаше негатива од 0-3. Сепак, Мареј покажа карактер и квалитет кога беше најпотребно, ги освои следните шест гејма во низа и на крајот заслужено се најде меѓу осумте најдобри на тенискиот турнир во Рио де Жанеиро. Во четвртфиналето Мареј ќе ги одмери силите со Стивен Џонсон од САД, кој денеска беше подобар од Донској, елиминирајќи го со убедливи 6-1, 6-1.

Пласман во следната рунда обезбеди и Рафаел Надал, кој славеше над Жил Симон со 2-0 во сетови. Првиот сет мина со многу пресврти, па по водството на Симон од 2-1 Шпанецот направи два брејка и поведе со 2-4, за на крајот победникот да го реши тајбрејкот. Во него поумешен беше Надал, кој славеше со 7-5 и поведе со 1-0 во сетови. Тоа му даде самодоверба на шпанскиот тенисер, кој експресно поведе со 3-0 во вториот сет и на крајот заслужено славеше со 6-3. Следен ривал на Надал ќе биде домашниот тенисер Томаш Белучи, кој попладнево славеше над Гофан од Белгија со 7-6, 6-4.

Својот настап на ОИ во Рио го продолжува и Хуан Мартин дел Потро, кој во првото коло го елиминираше Новак Ѓоковиќ, а по денешната победа над Јапонецот Даниел (6-7, 6-1, 6-2) стигна до четвртфиналето. Таму Аргентинецот ќе ги одмери силите со Баутиста Агут, кој попладнево триумфираше над Милер од Луксембург со 6-4, 7-6.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top