| четврток, 6 декември 2018 |

Дојранска модна вечер со хуманитарен карактер

Седум македонски дизајнери ќе ги презентираат своите колекции покрај плажата на хотелот „Романтик“ во Дојран, оваа сабота (13.08) со почеток во 20 часот.  На дојранската модна вечер своите модели ќе ги прикажат : „Emili Exclusive Design“, Јована Филиповиќ, Ирина Тошева, Викторија Арсовска, Олгица Ѓоргиева, „ Studio Matra“ и арт студиото за цвеќе „ФА-БУ“.

Ревиите се дел од проектот „Дојран ресорт“ кој започна во јули годинава а поради неодамнешните катастрофални поплави и причинетите штети, организаторите одлучија да постават пункт на кој посетителите ќе можат да донираат финансиски средства кои ќе бидат наменети за помош на жртвите од поплавите.

– На организацијата за модните ревии работевме речиси два месеци со цел туристите и жителите од овој крај да бидат дел од вакво модно случување кое најчесто кај нас може да се види само во Скопје. Жалиме за човечките и материјалните загуби на сите оние кои беа погодени од стравичните поплави а настанот ќе биде и уште еден начин со кој ќе се обидеме да им помогнеме на оние на кои им е најпотребно – велат од Општина Дојран и Моден викенд Скопје кои стојат зад организацијата на проектот „Дојран ресорт“.

Во рамките на проектот , во јули долж Дојранското Езеро беше поставена изложба составена од големи паноа со модни фотографии кои посетителите ќе можат да ги видат во текот на целата година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top