| четврток, 6 декември 2018 |

Сѐ повеќе се штеди во денари

stedi

Македонците сѐ повеќе штедат во  домашна валута. Ова го покажува последниот извештај на Народна банка во кој се разгледуваа состојбите за домашната економија.

Од централната банка велат дека  се присутни знаци на стабилизирање на очекувањата, видливи преку отсуството на притисоци на девизниот пазар и интервенции на НБРМ со откуп на девизи, при што е забележан и раст во штедењето на населението во банкарскиот систем и склоност кон штедење во домашна валута.

– Расположливите високофреквентни податоци за економската активност за вториот квартал од годината навестуваат продолжување на економскиот раст, но со забавена динамика во однос на првото тримесечје. Остварувањата во економијата од почетокот на годината досега се послаби од очекувањата, што заедно со ризиците од надворешното окружување и домашните политички случувања, упатуваат на надолни ризици за проекцијата на БДП за 2016 година. Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени и натаму е во негативната зона, при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст. Инфлациските остварувања засега упатуваат на пониска инфлација од проектираната, а ризиците околу проекцијата до крајот на годината и понатаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната – соопштуваат од НБРМ.

Што се однесува на девизниот пазар, во услови на сезонски раст на понудата на девизи од менувачи и истовремен пад на побарувачката на девизи од фирмите, банките на нето-основа оствариле откуп на девизи во трансакциите со клиенти.

-Во трансакциите со физички лица, движењата, со натамошно намалување на побарувачката и истовремен раст на понудата на девизи, што придонесе банките да остварат релативно висок нето-откуп со овие клиенти. Поволните движења во трансакциите со клиенти придонесоа за подобрување на девизната ликвидност на банките, што доведе до зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар. Во такви околности, од 25 јули Народната банка секојдневно интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи, при што заклучно со 8 август се откупени вкупно 48,3 милиони евра. Интервенциите на Народната банка на девизниот пазар придонесоа за подобрување на денарската ликвидност на банкарскиот систем. Во такви околности и во насока на ефикасно управување со ликвидноста, банките ги зголемија пласманите во расположливи депозити кај Народната банка – покажува извештајот на НБРМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top