Карпош соколи ќе влезе со големи амбиции во новата сезона откако ланскиот полуфиналист од плејофот ја прифати поканата да биде дел од АБА-лигата, а сериозно размислува да заигра и во регионалното БИБЛ натпреварување.
Информацијата што вчера ја објави српскиот портал „суперспорт.рс“ ќе биде официјализирана денеска, кога раководството на Карпош соколи со официјален допис ќе ја извести АБА-лигата дека прифаќа да биде дел од елитното кошаркарско друштво во регионот. Вообичаено, вајлд-картата во АБА чини 150.000 евра, а водечките луѓе на клубот решија да ја платат оваа сума, со што Македонија ќе добие и втор претставник во ова натпреварување.
„Соколите“ не планираат да застанат тука, оваа екипа е во преговори да стане дел од уште едно регионално натпреварување – БИБЛ-лигата. Намерата е во БИБЛ шанса да добијат помладите кошаркари и оние кои ќе немаат поголема минутажа во АБА, а ќе се направи обид и да се донесат дел од младите и талентирани играчи ширум Македонија, да настапуваат со „двојна лиценца“ за токму во БИБЛ да добијат поголема минутажа и искуство, нешто што им недостига во домашните натпреварувања.
Доколку оваа идеја се реализира, Карпош соколи како учесник во две регионални натпреварувања ќе го пропушти првиот дел од сезоната во македонскиот шампионат и заедно со МЗТ Скопје ќе се вклучи директно во Супер-лигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.