| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се гради подземна сообраќајница кај Старата железничка станица

Градежната компанија „Лимак“ најавува дека наскоро ќе почне изградбата на комплексот кај Старата железничка станица, вклучително и тунелот кој треба да го олесни сообраќајот.

Како што соопштуваат од компанијата, проектот го помина периодот на планирање, така што ќе се гради современ, атрактивен, мултифункционален деловно-резиденцијален комплекс, кој ќе има цел да го спои симболот на градот – Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје.

Тунелот ќе биде двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, ќе го дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје.

Станува збор, наведуваат од компанијата, за модерна подземна улица, како во европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот.

Површината на вкупниот проект ќе биде околу 300.000 квадратни метри. Комплексот ќе вклучува околу 1.000 станови во 20-катни згради со по 1, 2 или 3 спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот, ќе има места за јадење и пиење, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили.

Постојната зграда на Музеј на град Скопје, како што појаснуваат, која се планира да биде возобновена од градските власти, ќе биде умешно вградена во рамки на комплексот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top