Вртелешка
Псевдоним: Рингишпил
Родена: 14. 4.2013, Скопје
Хороскопски знак: Овен
Создадена: Италија
O, daj okreni , taj ringispil u mojoj glavi , to ne zna niko, samo ti. Bez tebe drveni konjici, tuzno stoje
dodji, iz plave boce se pojavi bar jednu zelju ispuni i dodaj svetu malo boje cudo moje…
Дојде Ѓорѓе Балашевиќ во земјава и ни ја донесе вртелешката или, како што народот вели, рингишпилот. Тоа понеделничко утро, неколку дена пред Балашевиќ да ја врати насмевката во градот, главите ни ги сврте шарената вртелешка на градскиот плоштад. За сѐ е крив токму тој. Сега нова песна – април во Скопје. А, вртелешката некому му го сврте ликот од смајли во тажно човече, некому од тажен го направи среќен, на трет му се сврте паметот од преголемиот број коњчиња на плоштадот. Секој различно ја прими понеделничката вест дека ни пристигна вртелешка во центарот на градот. Некои си ги спакуваа куферите, ќе си оделе, им се вртело многу, други се подготвуваа за првото возење, трети се обидуваа да дознаат дали и тука има бенефиции за пензионерите. Како и да е, вртелешката, која ни пристигна од Италија, засени сѐ што се нарекува актуелно, политика, забава,шоу-бизнис во земјава. Сите се нишаа со коњчињата на социјалните мрежи. Утринското кафе, појадокот, ужинката, паузата за пушење, ручекот, средбата со семејството, кафето со пријателите, муабетот после сексот … ништо не помина без да се спомене вртењето со коњчињата и ротирачките чашки. И не само тој ден. И денот потоа, за добро утро, добар ден, добра вечер, и тој по него, и така секој ден до следниот понеделник и деновите по него.
Токму затоа, братко кој е многу мил заслужено си го понесе приматот личност на неделата. Море, да избиравме личност на месецот и тука ќе се избореше за многу простор. На крајот на годината избираме личност на 2013 година. Мислам дека имаме добар кандидат.
И што толку врева за ништо? Лекторите се докажуваа дали е рингишпил или вртелешка, пензионерите се прашуваа дали ќе се вртат бесплатно во вторник, минувачите веруваа дека циркус дошол во нашиот град, децата се радуваа, некои веруваа дека наликуваме на Фиренца… Дрвена ротирачка платформа е наредена со коњчиња, кочии и ротирачки чаши. Целата платформа украсена со декоративен венец , покриена со водоотпорно платно во боите на државното знаме, те повикува да влезеш во светот на бајките, во светот на клацкањето. Новото градско чудо ни пристигна за 162 илјади евра. Првиот ден сите се вртевме за без пари – да ја видиме вртелешката која пристигна во нашиот град. Потоа се вртеа бесплатно најбрзите, оние кои во десет изутрина застанаа во редот на кандидати за тестирање на квалитетот на јавање. Сега следува промотивен билет од половина евро. На кого не му се свртело, нека побрза, после може скапо да го чини…
А, кој е рингишпилот или вртелешката? Тоа е онаа „личност“ која според многумина е прв предизвик за Жерновски. Оние што бараат слобода за плоштадот увидоа дека диво се изградил. Бараат Андреј да го отстрани каруселот. Ако не, нема да го гласаат во четврти круг.
Рекоа:
Вртењето на рингишпилот ќе биде бесплатно за пензионери во вторник и во петок.
Се вози Тодоровиќ на рингишпил, а Жерновски му вели: „Дај бе симни се, третпат се возиш“.
Е сега буквално може да се чекаме во пет на вртелешките.
Рингишпил ќе се става и на секој граничен премин во земјава. Секој странец ќе мора да се врти најмалку половина час. Ова ќе биде тренинг и подготовка за да не им се заврти во главата при пристигнување во центарот на Скопје.
Не ми треба рингишпил за да ми се врти. Си проверувам баланс на сметка.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорѓи Личовски
Текстот беше објавен во 34. број на Неделникот Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.