| четврток, 6 декември 2018 |

Повик радиодифузерите да ја приспособат програмата

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), поради прогласениот ден на жалост, ги повикува радиодифузерите да ја приспособат програмата.

– Музиката што ќе ја емитуваат ќе биде од музички жанрови соодветни за ден на жалост, а забавните шоу-програми, хумористичните емисии или играната програма од жанрот комедија, планирани да се емитуваат денеска, ќе ги прераспоредат за други денови од седмицата. Ова важи и за рекламирањето, додека за другите форми на комерцијални комуникации (телешопингот, спонзорството и пласирањето производи) нема ограничувања – стои во соопштението од Агенцијата.

Програмските радиосервиси денеска се ослободени од обврската во согласност со Законот да обезбедат одреден процент од емитуваната музика да биде инструментална музика од македонски автори и автори на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија и/или вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници.

Во Република Македонија денеска е прогласен ден на жалост поради големиот број човечки животи загубени во временската непогода која ги зафати Скопје и околните места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top