„Сапуницата“ околу трансферот на Пол Погба во Манчестер јунајтед би требало конечно да заврши во следните 24 часа, откако по бројни шпекулации, денеска беше добиена и официјална информација дека двата клуба ги договориле сите детали од трансферот.
Манчестер јунајтед преку својата официјална веб-страница објави дека е добиено зелено светло од Јувентус за Погба да го мине неопходниот лекарски преглед пред реализација на овој мега-трансфер.
– Пол Погба доби дозвола да го мине лекарскиот преглед, за да го финализира трансферот од Јувентус во Манчестер јунајтед – се пофалија од најтрофејниот англиски клуб.
Пристигнувањето на Французинот во Манчестер се очекува најдоцна до утре, по што тој во најскоро време ќе биде промовиран и ќе му се стави на располагање на Жозе Мурињо. Неофицијално, трансферот ќе изнесува 110 милиони фунти, со што Погба ќе стане најскап светски фудбалер на сите времиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.