Софка Камиловска е поранешна одбојкарска репрезентативка, сега готвачка и менаџерка, која го остварува својот сон. Готви и менаџира, а летово заедно со својот тим неуморно работи и го подготвува менито во ресторанот „Антигона“ во Македонско село, кој треба да почне со работа наесен.
Таа е самоука, нема завршено официјално образование за готвачка, но многу учи, истражува и, пред сѐ, многу ја сака храната. Со голема страст и љубов зборува за неа и додава „најглавната состојка на секоја храна е љубовта!“.
– Тоа што сум го сакала, по што сум копнеела, сега ми се остварува и среќна сум – вели Камиловска во интервју за „Република“.
Софка денес работи како менаџер во „Тинекс ту го“, и во „Деликатесен“ каде што има задача – да им го објасни на клиентите дел од асортиманот што се нуди и да им помогне во изборот. Таму е оперативен менаџер.
Постои ли некое јадење што сакаш да го готвиш, а не сакаш да го јадеш?
КАМИЛОВСКА: Не знам, не ми текнува дека има јадење што го готвам, а не го јадам. Готвам, а не јадам риба бидејќи не смеам, алергична сум на риба.
Ти си поранешна спортистка, одбојкарка, која сега работи како готвачка. Изгледаш одлично, а голем гурман си. Како се снаоѓаш во кујната?
КАМИЛОВСКА: Низ светот познати готвачи, шефови на кујна, се мажи. Разговарав со еден другар, кој е шеф и тој ми вели: го гледаш она огромно тенџере што тежи 30 килограми? Ај крени го да те видам! Ама, мене спортот ми помогнал, имам сила. Јас отсекогаш сум готвела, ја сакам храната, голем гурман сум. Татко ми цел живот е угостител. Почнав да работам на 14 години, може и помлада, кога татко ми ја отвори својата прва кафеана „Софка“ во ГТЦ. Прво миев чаши, потоа ме унапредија во кујната, да им помагам. Со одбојка се занимавав 12 години и желбата за готвење се појави кога заминав да работам на брод. Работев во ресторан и таму почнав да учам за состојките од кои се прави јадењето што се служи. Морав да знам што продавам. На почетокот се најдов во неколку непријатни ситуации каде што не знаев што има во јадењето што го нудам. Решив да не се срамам себеси и да научам. Влегував во кујната, гледав како се подготвуваат јадењата, ги учев состојките. Ми влезе чивијата и, како што се вратив дома, почнав да готвам и да истражувам. Многу читам, сакам да научам уште повеќе. Знаете дека има повеќе од 15 илјади видови компири во светот, на пример?
Готвиш дома, за пријатели, готвиш во хотелот во Галичник?
КАМИЛОВСКА: Во Галичник повеќе помагам кога, на пример, е Галичката свадба, кога има многу народ. Тогаш повеќе менаџирам. Кога сум таму преку викенди служам, нарачувам, готвам ако е потребно. Тоа е семеен бизнис. Сите сме таму, фамилијарно. Јас не сум шеф, за себе не можам да кажам дека сум шеф, бидејќи тоа е голема одговорност, сакам да зборувам за себе дека сум готвачка.
Ја уредуваш и рубриката за храна во „Оф.нет“, „Софка за двајца“, каде што во рецептите внесуваш и лични приказни. Дали секоја храна има своја приказна?
КАМИЛОВСКА: Концептот го договаравме подолго време. Не сакавме да биде стандардно, како во другите портали: напиши рецепт и објави. Почнав со објаснување за некои помалку познати работи, како на пример за некои сирења. Потоа, почнав со приказни поврзани со јадењата. Храната е меморија на некој начин, корен на сеќавањата. Кога ќе почнам да пишувам приказната поврзана со храната некогаш е среќна, некогаш е тажна, но има дел од мене, од мојот живот. Се покажа дека има прием.
Од септември во ресторанот „Антигона“ во Македонско село ќе го подготвуваш менито. Може ли да ни кажеш нешто повеќе?
КАМИЛОВСКА: Во Македонско село имаме национална кујна, така што во „Антигона“ ќе има нешто поинакво. Кујната ќе биде интернационална, но со состојки од Македонија. Сакаме да направиме една приказна, сѐ уште сме во подготовки и не би сакала многу да откривам. Направивме тим што го сочинуваат „фрикови“ по храна, кои сакаме да го работиме тоа. Работиме со многу голема љубов го, опседнати сме со тоа. Можам да откријам дека во ресторанот ќе има само вечера и ќе биде само со закажување бидејќи нема многу маси во него. Ќе се обидеме сето тоа да го кренеме на едно повисоко ниво.
Што сакаш најмногу да јадеш и да готвиш и како ја доживуваш храната?
КАМИЛОВСКА: Има денови кога сум многу уморна и не сакам да готвам. И тогаш нарачувам пица. Кога сум дома сама, не готвам само за себе. Мора да имам гостин за да готвам. Освен ако не ми дојде некоја инспирација, да видам дали некоја состојка си одговара со некоја друга. Не знам, можеби имам среќа, но многу рецепти ми се „погаѓаат од прва“. Но, потешко е со десертите. Тие се многу специфични, тоа е сосема друга наука. Таму мора да биде погодено до милиграми за да биде како што треба. Многу крем-бруле имам фрлено пред да го направам такво какво што треба. Секоја храна ми е убава и сакам да јадам. Секогаш кога готвам, ја мирисам храната за да почувствувам дали е добро. Многу е важно додека готвиш да ѝ даваш љубов на храната. По ист рецепт да готвиме јас и ти, ако ти не си расположена, а јас сум внесена, целата енергија ја давам тука, нема да излезе исто, без разлика што состојките и начинот на подготовка е ист. Најважната состојка на секоја храна е љубовта!
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.