Не фрлајте храна, ако имате остатоци замрзнете ги или искористете ги при приготвување некое друго јадење, произведувајте повеќе со помалку и независно што работите (бизнисмен, професор, претставник на државна институција) или сте едноставно некој што сака да направи промена, заложете се против гладот.
Ова се само некои од пораките на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации, која наметна сериозна агенда: до 2030 година да се стави крај на гладот во светот, да се елиминираат сите форми на неисхранетост и да се создадат одржливи системи за храна.
Македонија е рангирана на осмото место во светски рамки по количина фрлена храна според бројот на жители. Околу 30 отсто од храната произведена или увезена во Македонија никогаш не се консумира.
Процените се дека фрламе 12.000 тони храна со кои може да се обезбедат по три оброка дневно за 26.000 граѓани, а вкупните вишоци надминуваат 100.000 тони. Според движењето „Ајде Македонија“, само во Преспа годинава се фрлени десетици илјади тони храна.
– Свеста кај компаниите и невладините организации се издига, се повеќе ни пристапуваат, а граѓаните се пријавуваат да волонтираат. Но, тоа што загрижува е свеста кај младите. За жал, тие израснуваат во класични „консумеристи“, кои сакаат нешто набрзина да дегустираат и да го фрлат. Свеста за храната е највисока кај повозрасните генерации, веројатно зашто живееле во време кога храната била луксуз и имала вредност. Денес, најголем дел граѓани имаат храна во изобилство, но се помалку ни текнува на другиот да му подадеме рака. Не интересира само сопственото задоволство, вели Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“.
При прослави или настани што се одржуваат во угостителски објекти, над 50 отсто од храната останува и потоа се фрла.
– Странските експерти кои за ова имаат истражувано не информираа дека ова се должи на културата, која налага „стегање“ во најголем дел од времето и за време на прославите треба да се покаже дека се има. Во поразвиените држави, каде што храната е далеку од луксуз, веќе одамна преку храната не се покажува дали некој има или нема, додава Јосифовски.
Во супермаркетите главна практика моментно е при истек на рок да се залепи уште еден ист производ со подолг рок. Во ваков случај најчесто се јавува проблем, бидејќи се „залажува“ купувачот, кој купува нешто што не може да го искористи за краткиот период и најголем дел од таа храна со краток рок од маркетите во целост домаќинствата ја исфрлаат, наместо производителите или маркетите.
– Тоа што преку системот за донирање вишок храна „Сите сити“ поминале десетици илјади порции одлична храна, многу зборува за брзото создавање свест и одговорност да не ја фрламе храната. Ги повикуваме бизнисите да ни се придружат во борбата против гладот и да не ја фрламе храната, туку да ја донираме, дополнува Јосифовски.
Претседателот на Националниот одбор на Слоу фуд Македонија, Николче Николовски, укажувана парадоксот деканад 25 отсто од нашата храна завршува во отпад, а 20 проценти од населението не може да обезбеди еден оброк дневно.
Потребно е, напоменува, јакнење на свеста за овие прашања во Македонија, најмногу преку едукација, почнувајќи од најмала возраст.
Николовски смета дека иако нашите институции прават напори за стимулација на домашното производство, недостигаат визија и стратегиски пристап во решавањето на овие проблеми. Неопходни се заеднички обмислени и координирани мерки за креирање модели на локален систем на храна во кој ќе се стимулираат малите семејни фарми што користат одржливи методи на производство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.