Германската канцеларка Ангела Меркел значително ја загуби популарноста, главно, поради политиката кон бегалците. Ова го покажува најновата анкета спроведена по неколкуте напади во Германија.
Анкетата на телевизијата АРД покажува дека 47 проценти од испитаниците изразиле задоволство од работата на Меркел, што е дури 12 проценти помалку во однос на поддршката која канцеларката ја имала во јули пренесува агенцијата Франс прес.
Ова е нејзин втор најлош резултат по реизборот во 2013 година. Најлошо стоеше во февруари оваа година кога само 46 проценти од гласачите изразиле задоволство од неа.
Во најновата анкета само 34 проценти од испитаниците рекле дека се задоволни или многу задоволни од владината политика на „отворени врати“ кон бегалците.
Тоа е најнизок процент откако прашањето за поддршка на бегалската политика во октоври е дел од анкетите на телевизија АРД. За споредба, дури 65 проценти рекле дека се незадоволни од таа политика. Од друга страна, популарноста на конзервативниот премиер на Баварија и остриот критичар на политиката на владата во Берлин Хорст Зехофер пораснала за дури 11 процентни поени, на 44 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.