Само осум отсто Германци сé уште веруваат во ветувањето на канцеларката Ангела Меркел „Ние тоа го можеме“, мотото коешто постојано го повторува последната година за да ги увери своите сограѓани дека земјата може да се справи со бегалската криза, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од ЈуГов (YouGov) објавени во саботата, а истовремено баварскиот премиер и челник на сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ ; CSU), Хорст Зехофер, и натаму се залага за ограничување на доселувањето повторно спротиставувајќи се на политиката на отворени врати за имигрантите и бегалците за која се залага Меркел.
Германската канцеларка Ангела Меркел својот мотивациски слоган го лансираше во август 2015 година, кога кулминираше мигрантската криза, кога во Германија секојдневно се слеваа по повеќе илјадници луѓе.
Како што покажува анкетата спроведена на 1.107 лица, на прашањето за тоа како ја оценуваат повторената изјава на Меркел за тоа дека Германија може да ги прифати бегалците, како и можноста земјата тоа и навистина да го оствари, околу 48 отсто одговориле дека „воопшто не се согласуваат“ со нејзиното мото, а 18 проценти дека „донекаде се согласуваат“, така што вкупниот број оние кои не ја поддржуваат нејзината политика кон бегалците се искачи на 66 отсто.
Од испитаниците само 18 отсто „незначително се согласуваат“, а само 8 проценти се „согласуваат“ со политиката на германската канцеларка во однос на мигрантската криза, така што процентот на оние коишто се согласуваат со Меркел се задржува на 26 отсто.
Тоа значи дека поддршката на политиката на Меркел кон беглаците и нејзиниот оптимизам во справувањето со тој проблем е на најниското ниво од 15-ти август 2015 година. Минатиот септември поддршката беше значително поголема, па тогаш 43 отсто од Германците се согласуваа со својата канцеларка по ова прашање, а 51 проценти не се согласуваа.
Премиерот на федералната земја Баварија и лидер на ЦСУ која таму е неприкосновена, Хорст Зехофер во саботата повторно ѝ се спротистави на политиката на Меркел.
„И покрај најдобрата волја, не можам да го прифатам мотото ‘Ние тоа го можеме’“, изјави Зехофер на крајот од отворената за јавноста седница на баварската влада во Сент Кверин, јужно од Минхен.
Со тоа повторно остро се спротистави на политиката на челничката на сестринската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и германска канцеларка Ангеле Меркел, којашто на својата редовна летна конференција за медиумите во четвртокот повторно ја бранеше својата политика кон бегалците.
Осврнувајќи се на низата напади кои се случија во Баварија изминатите денови и коишто беа главната тема на седмицата на баварската влада, Зехофер заклучи дека ограничувањето на доселувањето и намалувањето на бројот на бегалците мора да биде една од приоритетните задачи на политиката.
„Ограниченото доселување е еден од предусловите за безбедност во земјата“, рече Зехофер.
Од четирите напади кои се одиграа последните денови на територијата на Баварија, во три случаи сторители се бегалци, два напада беа со исламистичка заднина, а и сторителот на масакрот од минатиот петок во Минхен е 18-годишен германски државјанин со странско потекло.
„Проблемите со коишто се соочуваме се преголеми и досегашните решенија се незадоволувачки“, додаде Зехофер.
Зехофер и Баварија од почетокот се противат на отворената политика на Меркел, а тој судир во одредени моменти се закануваше со раскол во демохристијанската Унија ЦДУ/ЦСУ, во којашто ЦДУ дејствува на сојузно, а ЦСУ на ниво на Баварија, најголемата и економски најстабилна германска сојузна покраина.
Зехофер, меѓутоа, истакна дека со својот став за беглаците, кој се разликува од оној на ЦДУ, „не сака да предизвикува нова кавга“ во рамките на коалицијата.
И баварскиот министер за финансии, и можен наследник на Зехофер на чело на ЦСУ, Маркус Зоедер, претходно ја критикуваше Меркел нарекувајќи го нејзиниот пристап кон бегалската криза „наивен“. „’Ние тоа го можеме’ е едноставно целосно погрешен сигнал“’, рече за медиумите Зоедер на маргините од седницата на баварската влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.