Македонската кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за квалификациите за Европското првенство во 2017 година. Репрезентативците на кои смета селекторот Драган Раца двапати дневно напорно тренираат и со мали тешкотии поради повредите на некои од нив и поради паузата што ја имаа по завршувањето на првенствата каде што настапуваат, ги извршуваат поставените задачи од стручниот штаб. Селекторот Раца повика 18 кошаркари од кои 13 се одѕваа на финалните подготовки. На повикот на селекторот на првиот состанок не присуствуваа Перо Антиќ, Предраг Самарџиски, Ѓорѓи Чековски и Димитар Мираковски.
Првиот собир на репрезентацијата беше пред повеќе од еден месец, кога имавте закажано турнеја во Кина. Таму отидовте со комбиниран состав на млади македонски кошаркари и неколку странци. Кои се првите впечатоци?
Раца: Првично мојата замисла беше на турнејата да однесам поголем дел од потенцијалните македонски репрезентативци за што подобро да се запознаам со нив. Не само со нивните кошаркарски квалитети туку и да го запознаам нивниот карактер. Сепак, поради долгата сезона за повеќето од нив, самите побараа да бидат изоставени од патувањето во Кина со цел подобро да се одморат и да бидат максимално подготвени за тоа што ни претстои. Затоа бев присилен да одам со комбиниран состав и со повеќе странски играчи, кои, секако, можат да бидат потенцијални играчи на Македонија. Во Кина одигравме повеќе натпревари, учествуваме на два турнира и можам да кажам дека сум презадоволен од придонесот, пред сѐ, на младите македонски кошаркари. Тие се здобија со поголемо искуство и добија соодветна минутажа бидејќи, како што знаеме, во македонските клубови сѐ помалку играат македонски играчи. Играта на тимовите се базира на странци и македонските кошаркари не е соодветно застапени, а тоа може да биде голем проблем за иднината на македонската репрезентативна кошарка.
Финалните подготовки ги почнавте во неделата и од 18 повикани играчи на повикот на селекторот се одѕваа 13. Дванаесет од нив веќе тренираа на првиот тренинг, освен Марко Симоновски, кој е повреден. Што е со другите играчи, кои не се појавија на првиот состанок?
Раца: Медиумите го добија списокот на 18 репрезентативци на кои сериозно сметав пред почетокот на овие подготовки за квалификациите за Европското првенство в година. Со сите нив поединечно е контактирано дали лично или преку нивните менаџери. Проблемите со отсуствата, би се рекло, на поискусните играчи не сакам да ги коментирам. Имам одврзани раце, како и што очекував од кошаркарската федерација, да решавам како што мислам. Искуството и квалитетите што го имаат во себе Перо Антиќ, Предраг Самарџиски, Димитар Мираковски и Ѓорѓи Чековски се неоспорно големи, но нивна е одлуката ако не сакаат да играат за Македонија. Дали тоа ќе го санкицонира МКФ, јас за тоа неможам да кажам ништо. Но, што е тука е, продолжуваме со играчите што беа носители на играта и на претходните квалификации и можам да кажам дека тие се иднината на македонската кошарка. Немаше да прифатам да бидам селектор ако не верував во овие момци, кои на свој грб и без помош од своите постари колеги ги изнесоа и претходните квалификации и се пласираа на Европското првенство 2015 година. Сега тие се поискусни и зад себе имаат многу меѓународни натпревари и верувам дека повторно ќе бидат заедно на една завршница на уште еден европски шампионат.
Целите подготовки ќе ги извршите во Скопје. Веќе се закажани и пријателски средби со многу реномирани противници. Каква е замислата за текот на подготовките?
Раца: Остануваме во Скопје цело време. Имаме прекрасни услови во СЦ „Јане Сандански“. Моите помошници ги разгледаа капацитетите и заедно решивме дека немаме потреба да одиме некаде надвор од главниот град. Паралелно со техничко-тактички замисли ќе мора многу да се работи и да се стави акцент и на кондициските подготовки бидејќи некои од играчите речиси два месеца немаат тренирано. Желбата на момците е огромна и верувам дека ќе направиме една позитивна атмосфера за да можеме максимално да се подготвиме. Гледајќи ги натпреварите од плејофот во домашниот шампионат морам да нагласам дека играта повеќе се темели на индивидуални квалитети, а помалку се мисли на одбраната. Од искуството што го имам, токму одбраната е таа што го добива натпреварот и ќе се стремам и ќе барам од секој играч поединечно да биде концентриран токму на тоа. Во текот на август ќе одиграме по два натпревара со силните репрезентации на Словенија и на Бугарија, а во Скопје на „Трофејот на Македонија“, исто така, ни доаѓаат реномирани селекции како што се Црна Гора, Босна и Херцеговина и Белгија. Останавме покуси за пријателски средби со Турција бидејќи добивме покана и од нивната федерација, но не можевме да ја прифатиме од проста причина што немаме слободни термини. До почетокот на квалификациите за Европското првенство на 31 август ветувам дека сите репрезентативци ќе бидат максимално подготвени за предизвиците што доаѓаат.
Како што е добро познато, секоја репрезентација може да пријави и еден странски играч. Дали веќе се размислува за конкретно име или тоа ќе биде соопштено подоцна?
Раца: Сега засега подготовките ќе ги работиме само со македонски играчи. Во отсуство на Антиќ, Чековски и на Самраџиски центарската позиција е ослабена. Но, со враќањето во репрезентацијата на Кире Николовски и новиот репрезентативец Марко Дујковиќ, кој е Македонец, но никогаш немал можност да игра за репрезентацијата, и со присуството на Бојан Трајковски, Бојан Крстевски, Стојан Ѓуровски и Марјан Јаневски и таа линија ќе биде на високо ниво. Затоа нема да брзаме да одбереме странски кошаркар. Јас во ФИБА ќе ги пријавам сите странски играчи што досега зеле македонски пасош, а такви има многу вклучувајќи го и Лестер Бо Мекејлеб. Дали засилувањето ќе биде од постојните кошаркари играчи или сосема некој нов, ќе решам тогаш кога ќе видам на која позиција треба да се доведе вистинско засилување. Странскиот играч мора да отскокнува по квалитет бидејќи тој се носи во репрезентацијата за да направи разлика во однос на противничката екипа. Тој треба да биде лидер на составот.Тоа е и целта за да можеме со сигурност да кажеме дека тој е вистинскиот избор.
По извлечената ждрепка за квалификациите, оптимизмот во македонската јавност порасна бидејќи противниците се добро познати и веќе сме имале можност да играме против нив. Како ги гледате работите во нашата квалификациска група?
Раца: Во група сме со репрезентации што имаат квалитет. Велика Британија, Унгарија и Луксембург. Моите предвидувања се дека за пласман на едно од првите две места во групата што водат на завршницата на Европското првенство еднакво ќе се борат Македонија, Велика Британија и Унгарија. Освен нашата, и двете други репрезентации силно посакуваат да се пласираат на завршницата. Британија има огромен квалитет и неколку играчи што настапуваат во НБА. Можеби се благи фаворити на хартија, но повторно ќе кажам, ако не верував во пласман на Европското првенство, немаше да бидам селектор на Македонија. Знаете како, ова, можеби, се историски квалификации за нашата земја бидејќи по шампионатот во 2017 година првенствата на стариот континент ќе се одржуваат на четири години и ако сега се случи нешто непредвидено, тогаш Македонија речиси осум години нема да учествува на нив. Тоа на сите ни е јасно и затоа максимално психички сме подготвени за тоа што нѐ очекува и сите посакуваме уште еднаш да ја израдуваме целата македонска спортска јавност со пласман на уште едно Европско првенство, петто во континуитет.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Драган Раца е објавено во 203. број на неделникот Република, 22.07.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.