| четврток, 6 декември 2018 |

Премиер-лигата ги менува правилата, за вербален дуел со судиите – црвен картон

crven karton

Челниците на англиската Премиер-лига решија да стават крај на се почестите вербални дуели на фудбалерите со судиите. Со цел да се спречи безобразното однесување на играчите и на менаџерите во англискиот фудбал, донесен е новиот закон со кој се предвидени ригорозни мерки за секое недозволено однесување, посебно за судир со судиите.

Во соопштението од Фудбалската асоцијација на Англија, се наведува дека таквото однесување достигнало неприфатливо ниво.

Од оваа сезона, играчите што ќе влезат во судир со судиите, ќе ги навредуваат или ќе гестикулираат кон нив, ќе добиваат црвен картон. А, многу поригорозни од досега ќе бидат и казните за менаџерите и за техничкиот персонал на клупата.

Во последните пет години во Премиер лигата ниеден играч не е исклучен поради навреда на судија, но челниците во англискиот фудбал сметаат дека играчите веќе ја преминуваат границата на дозволеното однесување.

– Наша заедничка цел е ваквото однесување повеќе да не се толерира. И понатаму сакаме да видиме страст, желба и навивачи што уживаат во фудбалот, но играчите и менаџерите мора да бидат свесни дека не смее да се премине одредена линија – изјави претседателот на Премиер-лигата.

Според новите правила во Премиер-лигата, играчите може да заработат жолт картон поради:

-видливо непочитување на кој било од судиите

-агресивен одговор на судиска одлука

-судир со судиите „лице в лице“

-трчање кон судиите за оспорување на одлуката

-навредлив речник и однесување кон официјалните лица на мечот

-физички контакт без намера со било кој од судиите

-жолт картон за најмалку еден играч од групата што ќе го опкружи судијата

Навреди поради кои играчите може да добијат црвен картон:

-доколку играчот влезе во вербален судир со судиите и употребува навреди, вулгарен речник или гестикулира кон нив

-намерен или агресивен контакт со кој било од судиите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top