| четврток, 6 декември 2018 |

Видео од апсењето – во акцијата „Којот“ уапсени 19 лица, меѓу нив полицајци

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи ја започна оперативната акција „Којот“, при што беше разбиена криминална група на подрачјето на Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје.

Во текот на минатата ноќ па се до утринските часови извршени се претреси на дом и други простории на 24 локации во Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје кај повеќе лица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, разбојништва, лажно претставување, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, криумчарење на мигранти и злоупотреба на службената положба.

akcija-kojot2-640x853

 

-Организатори на криминалната група се три лица од Велес, од кои еден вработен во Секторот за внатрешни работи Велес. Групата почнала да дејствува од почетокот на 2015 година на национално и меѓународно ниво. Вршеле кривични дела од областа на насилниот криминал, недозволена трговија со дрога, криумчарење мигранти и коруптивни кривични дела. Во вршење на криминалните активности на криминалната група учествувале и полициски службеници од СВР Велес. Полициските службеници контактите и дејствијата при вршење на кривичните дела ги извршувале и за време на работа и во врска со својата службена положба притоа истата ја злоупотребувале со цел на криминалната група да им овозможат информации и друга помош и логистика за успешно извршување на кривичните дела, меѓу што и обезбедување на полициска униформа за вршење на кривичните дела, а во неколку случаеви и активно учествувале во извршувањето, информираат од МВР.

akcija-kojot-5-640x480

 

Досега при претресите пронајдени се автоматски пушки, рачна бомба, пиштол, дробилка за марихуана, муниција за огнено оружје, службена документација – доставници за судски акти за извршување, документација од исплата на парични средства.

akcija-kojot4-640x480

-По преземените мерки е утврдено дека припадници на криминалната група учествувале и во веќе документирани и процесуирани кривично-правни настани. Двајца од вкупно тројцата организатори на криминалната група биле организатори и на разбојништвото што се случи во Велес на 08.02.2016 година, кога од вработени во агенција за обезбедување  беа одземени четири касети сопственост на Стопанска банка во кои имало 4 милиони денари. Исто така, утврдено е дека првопријавениот 35-годишен велешанец на територијата на Велес и Штип подолго од една година организирал поголема мрежа на препродавачи – дилери на дрога. Првопријавениот ја набавувал дрогата-претежно марихуана (од Албанија или Скопје) и ја доставувал до други припадници на групата, кои пак преку посредници ја дистрибуирале до уличните дилери, информираат од МВР.

akcija-kojot-3-640x853

 

Во делот на Кривичните дела против човечноста и меѓународното право од страна на организираната криминална група се испланирани, организирани и извршени неколку кривични дела „Криумчарење на мигранти“. Со криминалистичкото истражување утврдено е дека од страна на криминалната група е организиран транспорт на најмалку 559 мигранти. Криминалната група делувала и преку Казнено поправна установа затвор Гевгелија, каде осуденик учествувал во пронаоѓање на мигранти и првични договори за кривично дело криумчарење на мигранти, а основите за сомневања беа потврдени кога при претресот во затворската ќелија биле пронајдени мобилни телефонски апарати.

Во рамки на истото криминалистичко истражување во претходните денови веќе лишени се од слобода пет лица, во текот на денешниот ден пронајдени и лишени од слобода се уште четиринаесет лица, по 3 лица се уште се трага, 1 лице се наоѓа надвор од територијата на Р.Македонија и 1 лице се наоѓа на издржување казна затвор.

akcija-kojot-640x333

 

Во текот на денешниот ден по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за погоре посочените кривични дела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top