| четврток, 6 декември 2018 |

Трчавме низ крв, на сите страни околу нас имаше трупови, Македонци сведочат за масакарот во Ница

Илјадници граѓани уживаа во спектакуларниот огномет. Откако се запали уличното осветлување и се ослободи сообраќајот на главната улица на кејот од неколку километри, заминуваме кон домот каде што сме сместени. Поради турканиците, преминавме од шеталиштето на тротоарот од другата страна на улицата. Тогаш слушнавме пискотници врескања и видовме луѓе што панично бегаат. Низ метежот неколку стотици метри пред нас забележавме делови од тела, искршени детски колички на брегот на морето, деца повредени што плачат. Лешеви на мажи, жени, млади, стари имаше на сите страни – вака за Телеграф сведочи студентот од Прилеп Денко Манчески, кој се нашол среде трагичниот настан во Ница.

Тој раскажува дека заедно со неговите другари трчале низ трупови, имало многу мртви деца, плач и лелеци на сите страни.

– Трчавме низ крв, на сите страни околу нас имаше трупови. Сите трчаа и бегаа, па и ние со колегите решивме да се повлечеме – ни раскажа Манчески.

Покрај момчето македонските медиуми успејаа да стапат во контакт и со Скопјанка која што работи во Ница и раскажува дека глетката во градот по масакарот била стравична и дека Ница денес е како пусто место, поради стравот на жителите и туристите. Молк, празни плажи и улици..

Младото момче и девојката откако се засолниле веднаш ги известиле родителите и роднините во Македонија дека се добро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top