| четврток, 6 декември 2018 |

Димитриев: Изградени 700 социјални станови, се градат 123, во план уште 500

dimitriev cvetkoДосега се изградени околу 700 станови низ Република Македонија за социјално ранливи групи, во моментов се градат 123 станови, а наскоро треба да почне градбата на нови 500 станови, изјави претседателот на Владата Емил Димитриев по денешната посета на Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.

– Во областа на изградба на станови за социјално ранливи категории граѓани досега се изградени околу 700 станови низ Република Македонија. Во моментов се градат околу 123 станови во Кочани, Македонски Брод и Гостивар, а во наредниот период треба да почне градбата на нови 500 станови за оваа категорија во Скопје, Виница, Свети Николе, Пехчево и во Пробиштип. Сè на сè, во делот на Програмата за изградба на станови за социјално ранливи групи работите се одвиваат со посакуваното темпо и така ќе продолжиме и во иднина – рече Димитриев.

Тој оцени дека добра динамика има и во делот на градбата на становите за млади брачни парови.

– Такви станови има изградено во Скопје и во Битола, а планираме да изградиме и во други места. Тука можноста за младите луѓе да го решат своето станбено прашање е огромна. Предноста која ја нудиме преку оваа програма е тоа што каматните стапки се релативно ниски и што е многу важно ги гарантираме за еден подолг период од 15 години – рече Димитриев.

Според него, одлично напредува и динамиката на градење на комерцијални станови чија бројка е доста голема, а веќе во подготовка е изградба на вакви станови во Скопје и во другите општини. Премиерот Димитриев, посочи дека, претпријатието со приливите коишто ги добива од комерцијалните станови има можност да помага и за финансирање на другите програми.

Во однос на изградбата на катните гаражи, Димитриев истакна дека досега претпријатието изградило две катни гаражи со кои се обезбедени над 700 паркинг места, а околу 60 проценти е процесот на градба и на третата катна гаража, која ќе биде завршена за кратко време и ќе обезбеди дополнителни 200 паркинг места.

Од Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор на бил информиран дека се работи на подготовка за почеток на градба на четврта катна гаража која што ќе биде во Охрид и со која ќе се реши проблемот со паркирањето во овој град.

– Јас го охрабрив претпријатието да размислува и во други делови од Македонија секаде каде што ќе има потреба и исплатливост за градење на вакви објекти да се направат подготовки и да почнеме со еден циклус на градба. Се на се, во повеќе сегменти јас сум задоволен од начинот како функционира ова претпријатие од степенот на реализација на владините програми и сметам дека и во иднина треба да го задржиме овој курс на инвестиции во градба на станови за различни категории и катни гаражи, рече Димитриев.

Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов искажа посебна благодарност до Владата за помошта во надминување на одредени ситуации со кои се соочуваат во работењето, како и за поддршката во однос на изградбата на социјалните станови кои ги градат заедно со Владата и со Европската централна банка.

– Благодарение на слухот на Владата за ранливите категории од целокупната градба во комерцијалниот дел 10 проценти се издвојуваат за децата без родители што никогаш досега не се случувало, рече Грозданов. Укажа и за помошта во решавањето на старите станови, како што се дивовселените и становите користени од лицата со ниски примања. Сега, вели, ги решаваме и им даваме можност да се одлучат дали овие станови ќе ги откупат под одредени услови или, пак, ќе направат повторно закуп.

За лицата коишто се со ниски примања, тој потсети дека Владата донесе одлука со која што од 2006 до денес на овие лица кои паднале нешто пониско и станале приматели на парична помош Владата се обврзува да им ја плаќа закупнината, односно киријата. Тоа, вели, е нешто што никаде го нема во Европа и сме прва влада која го имплементира ова во Законот за социјално ранливите категории.

Најголемата помош од Владата, според него, е за подготовките за најголемата спортска манифестација која очекуваме да се случи во Македонија – одржувањето на Суперкупот на арената „Филип Втори“ во 2017 година.

– Би сакал да изразам голема благодарност до Владата за заложбите за подготовките коишто ги правиме на арената „Филип Втори“. Се надевам дека ќе ги исполниме очекувањата и дека Купот ќе се одржи во Република Македонија – рече Грозданов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top