Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 108 седница со 62 гласа „за“ и еден „против“ го донесе Законот за дополнување на Законот за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ во Скопје.
Расправата по законот беше завршена на претходното продолжение на 108. седница, така што пратениците само гласаа за него.
По гласањето, пратениците ја почнаа 110. седница, на која тие гласаа по скратена постапка да бидат донесени измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за градење, а, исто така, беа изгласани и измените и дополнувањата на Законот за органско земјоделско производство.
Со Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, како што појасни заменик министерот за труд и социјална политика се предлага усогласувањето на пензиите во 2016 година да изнесува пет проценти, со цел подобрување на социјалната положба на корисниците на пензија.
На дневен ред на 110. седница се и измените и дополнувањата на Законот за градење, по скратена постапка. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски истакна дека целта на Предлог -законот е поефикасно спроведување на постапките за дислокација на енергетски објекти поради изградба на патна и железничка инфраструктура и ставање во употреба на одредени градби од јавен интерес.
Собранието ќе ја продолжи 110. седница во 13:30 часот откако за законите по скратена постапка ќе заседаваат матичните комисии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.