| четврток, 6 декември 2018 |

Со 58 гласа За и еден против: Собранието донесе заклучоци за состојбата во поплавените подрачја

sobranie118_2016459051

Собранието на Република Македонија вечерва со 58 гласови за и еден против донесе заклучоци за состојбата во полавените подрачја во Скопско. Усвоените заклучоци беа предложени од Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Талат Џафери од ДУИ и за нив не гласаа пратениците од опозицијата.

Претходно, Собранието не ги прифати заклучоците предложени од СДСМ. За предложените заклучоциод опозицијата гласаа 29 пратеници, а 58 беа против.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски изрази жалење што не е постигната заедничка согласност околу заклучоците, иако, како што наведе, тие биле доставени до сите пратеници и во нив се инкорпорирани и предлози на СДСМ.

Со усвоените заклучоци, меѓу другото, Собранието се заложува државните и сите надлежни институции да продолжат да излегуваат во пресрет на жителите од погодените подрачја се до конечно остранување, санирање и ублажување на последиците од катастрофалната временска непогода, се бара Владата да го реализира заклучокот за авансно обесштетување на погодените семејства и да продолжи да се ангажира за брза проценка на штетите, а државните институции да преземат законски мерки против оние кои ја злоупотребуваат настанатата состојбата за финансиска корист.

Владата треба да изврши проценка и доколу е потребно да пренасочи средства од одредени тековни буџетски ставки во надлежни институции со цел справување со последиците од катастрофалната временска непогода. Министерството за финансии и Владата да подготват, а Собранието да разгледа одлука за прераспределба меѓу буџетските корисници со кои ќе се обезбедат средства за обесштетување на семејствата на загинатите лица, загрозените семејства, како и за санирање на штетите. Средствата за кои досега не се преземени договорни обврски преку склучени договори, а предвидени за набавка на возила кои не се поврзани со основната дејнсот на буџетскиот корисник, изградба на репрезентативни објекти, купување мебел и друга опрема, како и средства за репрезентација, доколку е потребно делумно или целосно да бидат пренаменети за оваа намена.

Во заклучоците се бара и да се спроведе дератизација, десинсекција и делумна евакуација на населението од поплавените подрачја, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да направи анализа за дивата сеча на шума, а Република Македонија да продолжи со масовно пошумување особено на места каде што има ерозија.

Владата и другите надлежни институции треба да продолжат да преземаат превентивни мерки за справување со опасностите од можни природни непогоди во идниот период.

Собранието во заклучоците им изразува благодарност на сите кои помогнале, како и апел за натамошен ангажман за справување со последиците од невремето.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, пред затворањето на расправата рече дека заклучоците предложени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се неприфатливи за опозицијата бидејќи во нив не се вклучени нивните главни барања за исплата на итна помош на настраданите и за одговорност на надлежните за направените пропусти.

СДСМ, како што посочи пратеникот Петре Шилегов, бара итна исплата по 1.500 евра помош на секое настрадано семејство независно од помошта што ја предвиде Владата, да се донесе закон за утврдување на методологијата за исплата на штетите, а проценките за штетите да бидат јавно достапни.

 

Денешната посебна собраниска седница посветена на состојбата во поплавените подрачја од невремето што се случи на 6 август годинава во Скопје и околината, беше иницирана од пратеничката група на СДСМ, а поддржана и од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top