| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров ги посети новите простории на Медицинскиот симулациски центар

Медицинскиот симулациски центар е преместен во комплетно нов и целосно опремен простор од 260  квадратни метри, каде што се нуди едукација на студентите по медицина и специјализанти, но и на сите вработени во јавното здравство, изјави при денешната посета Министерот за здравство Никола Тодоров.

– Симулацијата како пристап во учењето е одамна правило во развиените и високо рангирани универзитети. Симулаторите што ги имаме се најдобрите можни симулатори што ги има во светот и на кои може да се симулираат речиси сите патолошки појави и состојби на човекот – истакна Тодоров.

Посочи дека станува збор за напредна техника на обучување која овозможува нашите доктори да бидат сериозно поподготвени за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат и дека досега во центарот се направени преку 2.000 обуки на 1.000 здравствени работници, особено на вработените во Итната медицинска помош за основни и напредни курсеви за одржување во живот.

– Ангажирани се 93 едукатори, од кои 50 беа на едукација во Турција и дел од обуките што се прават тука се направени со докотори и со стручњаци што работат во вакви центри во странство. Тоа ни овозможува размена на искуства и подобро позиционирање со што Центарот сериозно добива на значење – изјави Тодоров.

Симулацискиот центар е основан како установа меѓу Министерството за здравство, медицинските факултети и лекарската комора на Македонија. Инвестицијата е околу 37 милиони денари од Министерството за здравство и околу 5,6 милиони денари, кои се инвестирани во новиот објект и во новите простории.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top