Камбекот на Тиери Анри во Арсенал траеше премногу кратко откако легендарниот голгетер реши да го напушти лондонскиот клуб поради караницата што ја имаше со Арсен Венгер.
Екс-голгетерот во последните месеци работеше во младинската школа на „топчиите“, со работен ангажман од четири дена неделно, а од почит кон поранешниот клуб Анри нагласил дека не му е потребен финансиски надомест за овој ангажман. Токму поради тоа, играчот што освои бројни трофеи со „топчиите“ се почувствувал изневерено од Венгер откако менаџерот на Арсенал побарал од него целосно да се откаже од својата работа како ТВ аналитичар во „Скај спортс“ доколку сака да остане во клубот.
Со оглед на фактот дека договорот на Анри во британската ТВ-куќа „тежи“ четири милиони фунти годишно, а во Арсенал работеше волонтерски, изборот на францускиот интернационалец воопшто не беше тежок, но Венгер уште повеќе загуби на популарност во јавноста, и пред се меѓу навивачите со ваквиот потег.
„Какво лицемерие. Арсен Венгер може да биде аналитичар на Беин Спортс и добро да заработува секое лето, но сега бара од Анри да се откаже од својата работа во ТВ“ – е само еден од бројните коментари против францускиот стручњак.
Според англиските медиуми, Венгер му нема простено на Анри за неколкуте критики што поранешниот фудбалер ги изрече против својот екс-стратег во текот на минатата сезона. Воедно, менаџерот на „топчиите“ се чувствува загрозен поради се поголемиот притисок за негова смена и верува дека доколку Анри извршува тренерски ангажман во клубот, полесно би се реализирала промената, а токму екс-голгетерот би добил шанса како менаџер, како што тоа беше случај со Зинедин Зидан во Реал Мадрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.