Франција има огромна шанса да стигне до нова европска титула, со оглед дека вечерва на „Стад д’ Франс“ ќе игра на домашен терен во големото финале на ЕВРО 2016 против селекцијата на Португалија. Антоан Гризман играше фантастично во досегашниот тек од шампионатот, постигна одлучувачки голови за „триколорите“, но вели дека токму финалниот меч е тој што ќе се памети од целото првенство. А низ историјата ќе се памети единствено победничката репрезентација.
– Допрва треба да ја завршиме најголемата работа. Ако некој мисли дека дојдовме до финалето и сега ќе биде полесно, затоа што ни треба уште една победа за да бидеме шампиони, многу се лаже. Најтешко е да победиш во финалниот меч. А, од друга страна, историјата ги памети само победниците. Никој по десетина години нема да памети дека Франција играла во финале, ако не успееме да го освоиме трофејот. Португалците се квалитетна селекција, имаат во своите редови одлични фудбалери, но ние сме максимално подготвени и неверојатно мотивирани за да го направиме и последниот чекор, да го освоиме трофејот – изјави Антоан Гризман, во пресрет на вечерашниот финален меч на Европското првенство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.