| четврток, 6 декември 2018 |

Серена го освои Вимблдон, израмни рекорд на легендарната Штефи Граф

Американската тенисерка Серена Вилијамс успеа да ја одбрани титулата на Вимблдон, откако денес во финалето ја совлада Германката Анџелик Кербер во два сета (7-5, 6-3).

serena-williams-kerber-3-wibledon-2016

– Беше навистина тешко да не мислам на рекордот, имав неколку обиди годинава, но ги загубив од две одлични противнички… Знам колку напорно работев и затоа оваа победа ми е уште подрага, изјави Серена после мечот.

Најдобрата тенисерка на светот од трет обид годинава успеа да стигне до својата 22. гренслем титула, со што се израмни со легендарната германска тенисерка, Штефи Граф по бројот на освоени титули на големите турнири.

serena-williams-kerber-5-wibledon-2016

Вилијамс првата шанса да ја освои 22. титула ја имаше на Австралија Опен, но во финалето на тој грен слем турнир беше поразена токму од Анџелик Кербер, а потоа загуби и во финалето на Ролан Гарос од шпанската тенисерка Гарбин Мугуруза.

– Феноменално е чувството да се биде тука, не би можела ова да го остварам без семејството, ви благодарам на сите… Сакам да играм против Анџелик, таа е одличен противник, ме тера да играм подобро, а надвор од теренот е сјајна личност, додаде Вилијамс.

serena-williams-kerber-4-wibledon-2016

Кербер, од друга страна, не успеа да ја освои својата втора гренслем титула, така што останува само со трофејот од Австралија Опен.

– Честитки Серена. Навистина ја заслужи титулата, ти си голем шампион и голема личност и секогаш ми е чест да играм против тебе. Ова беше уште еден извонреден натпревар, ти честитам, ја заслужи победата… Нема ништо подобро од тоа да се игра на централниот терен на Вимблдон. Имав две прекраасни недели тука, рече Кербер по мечот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top