Никола Рицоли беше главен арбитар на полуфиналниот натпревар меѓу Франција и Германија, но сепак европската куќа на фудбалот одлучи големото финале во Париз да му го довери на Англичанецот Марк Клатенбург кој доби шанса да суди уште еден престижен меч по оној во финалето во Лигата на шампионите.
Ваквата одлука на УЕФА воопшто не го обесхрабри италијанскиот арбитар Рицоли, кој пак во својата последна изјава за домашните медиуми порача дека тој веќе ја добил задачата да го суди најважниот меч на турнирот, кој според него бил оној меѓу Франција и Германија.
– Бев посебно горд што судев меч како оној во полуфиналето. Германија против Франција беше најдоброто на Европското првенство, имав многу голема одговорност. За мене, ова беше најважниот натпревар на првенството, играа две екипите со голем престиж и голема традиција, се друго е споредно – изјавил Рицоли за „Скај Спорт Италија“, истовремено коментирајќи ја и најспорната одлука на полуфиналето кога реши да досуди пенал во корист на домаќинот.
– Тоа беше навистина тешка инцидентна ситуација и многу изненадувачка. Знам дека 99 проценти од луѓето не го забележаа играњето со рака, но за среќа, јас бев во добра позиција да судам правилно и да донесам одлука. Новите правила кои се воведоа им даваат авторитет на судиите, па нашите одлуки сега се подобро разбирливи и за оние што гледаат од малите екрани – заклучил најдобриот италијански судија во овој момент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.