| четврток, 6 декември 2018 |

Пол Погба веќе ја решил дилемата околу својата иднина

pol pogba

Пол Погба веќе донел одлука за својата иднина, францускиот ас сака својата кариера да ја продолжи во Манчестер јунајтед и за тоа веќе ги известил челниците на Јувентус. Извонредниот играч за врска пред четири години како слободен играч замина од „Олд трафорд“, а откако освои четири скудета во Италија е подготвен за нов предизвик во кариерата.

Реал Мадрид и Барселона исто така најавуваа богати понуди за Погба, но неговиот агент веќе ги „оладил“ шпанските гиганти откривајќи им дека следна дестинација на Французинот ќе биде „Олд трафорд“. Ова го потврди и реномираниот француски весник „Л’Екип“, според кој Погба веќе им ја соопштил одлуката и на членови на неговото семејство. Според Л’Екип, 23-годишниот фудбалер смета дека циклусот со Јувентус му е завршен со извонредните четири години доминација на италијанската сцена, а како идеален развој на настаните го смета камбекот во Манчестер јунајтед, клуб каде претходно воопшто не доби шанса од Алекс Фергусон.

Новиот стратег на „ѓаволите“, Жозе Мурињо, не ја крие желбата Погба да биде „командант“ на средниот ред откако веќе го доведе Златан Ибрахимовиќ како лидер на нападот на Јунајтед за следната сезона. Иако нема да играат во ЛШ следната сезона, „црвените ѓаволи“ како еден од најбогатите светски клубови имаат доволно пари за трошење. Јувентус бара 120 милиони евра за Погба, но според „Л’Екип“ клубовите би требало да се договорат на отштета пониска од 100 милиони евра. Што се однесува до личниот договор, Французинот ќе потпише на пет години со Јунајтед за нето плата од 210.000 евра неделно.

Погба в недела ќе ја предводи Франција во финалето од ЕВРО 2016, а се очекува по завршувањето на европскиот шампионат да се интензивираат преговорите за неговиот трансфер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top