| четврток, 6 декември 2018 |

Невработените лица до 29 години можат да посетуваат бесплатни курсеви за странски јазици

kursevi angliski

Бесплатните курсеви за невработените лица по странски јазици и компјутерски вештини се во тек, но огласот е се уште отворен. Сите заинтересирани невработени лица можат да се пријавуваат во центрите за социјални работи ширум државата и бесплатно да изучуваат англиски, француски и германски јазик и ИТ вештини.

Oбуката за странски јазици опфаќа почетно, средно или напредно ниво, додека обуката за компјутери е за вештините од Microsoft Office.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски денеска го посети Центарот за странски јазици во Скопје кој е партнер на АВРМ во делот на образување за странски јазици каде што веќе се одржуваат курсевите.

– Гледаме дека имаме доста мотивирани млади луѓе кои што сакаат да научат странски јазик и сакаат да постигнат некое ниво на знаење со што би си го олесниле своето вработување и да најдат поквалитетно работно место во иднина бидејќи сега се невработени и бараат подобра егзистенција, рече Поповски.

Тој образложи дека 1 000 млади лица до 29 годишна возраст ќе добијат бесплатни курсеви финансирани од буџетски пари додека невработените кои имаат повеќе од 29 години изучуваат странски јазици со средства од ИПА програмата.

– Во делот на обуки за странски јазици од 2011 година до 2015 година се обучени 5 325 кандидати од кои во овој момент се вработени 2 477 лица, што е голем успех за обуки кои даваат само компетенции. Се надевам дека и овие групи, 255 невработени лица  кои што започнаа од први јуни, претежно млади лица до 29 годишна возраст по завршувањето ќе најдат многу брзо работно место и егзистенција за себе, истакна Поповски.

Поповски посочи дека поддршка за изучување на англиски, француски и германски јазик дале бидејќи се трите најбарани странски јазици што ги поставуваат како услов странските инвеститори во Р. Македонија. Еден курс опфаќа 30 часа од по 90 минути.

Тој упати апел до сите невработени лица да ја искористат оваа можност и да аплицираат во АВРМ за бесплатно изучување на странски јазици и компјутерски вештини, а со тоа да станата поконкурентни на пазарот на труд.

Обуките за компјутерски вештини за невработени лица ги спроведуваат компаниите Сивус и Семос .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top