Арсенал нема да го доведе Алваро Мората во своите редови летово откако Арсен Венгер ги прекина преговорите поради превисоката сума што Реал Мадрид ја бара за својот голгетер. „Кралевите“ најавија дека по откупувањето на договорот на Мората со Јувентус планираат добро да заработат на шпанскиот репрезентативец, но сумата од 68 милиони евра што ја бара европскиот првак, сепак, е превисока за Венгер, особено поради фактот дека станува збор за играч што не е фудбалска суперѕвезда, па да биде платено богатство за него.
„Венгер испрати две понуди, но откако Реал остана на истиот став тој се повлече. Според него, Мората не вреди 68 милиони евра, тој е млад и квалитетен играч, но тоа, сепак, се премногу пари“ – истакна член на раководството на Арсенал.
Англиските медиуми најавуваат дека стратегот на Арсенал веќе ја почнал офанзивата по Александар Лаказет, кој во најскоро време ќе биде доведен на „Емирати“. Имено, Лаказет во договорот со Лион има клаузула што го „ослободува“ за сума од 45 милиони евра. Венгер не сака да чека и во најскоро време ќе ја активира клаузулата, се со цел најдоцна за десетина дена да го има својот сонародник на располагање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.