За лидерската функција во СДСМ досега се кандидирале десет членови на најголемата опозициска партија, јави Телма. Покрај потпретседателите Игор Ивановски, Зоран Заев и Зоран Јовановски, како и членот Кире Наумов, уште шест кандидатури се поднесени од општинските организации. Нивните имиња не се откриваат заради, како што рекле од СДСМ, запазување на процедура. Од друга страна пак, тече акцијата за собирање потписи на дел од симпатизерите и членовите на СДСМ, за досегашниот лидер, Бранко Црвенковски, повторно да се кандидира.
Зоран Заев денес изјави дека е нормално неговите противкандидати да се промовираат, како што тој се промовира, но поважно е СДСМ да се држи заедно. Тој верува дека сите кандидати ќе покажат зрелост. Од друга страна, Кире Наумов најави влада во сенка, а Игор Ивановски Шема најави подмладување на партијата.
Веќе се спомена можна кандидатура на Тања Томиќ, поради барањата од некои скопски општински организации. Таа за „Република“ потврди дека таква иницијатива постои, но сè уште немаше одговор дали ќе влезе во трка по фотелјата на Црвенковски. Се шпекулираше и со името на пратеничката Станка Атанасова. Очигледно некому му одговара игра во трка да влезат што повеќе имиња со што ќе се разводенат гласовите.
Раководството пак вели дека многуте кандидатури се демократско право што го дозволува СДСМ, но нема да биде дозволено било какво раслојување. Велат листата на кандидати нема да оди во недоглед. Таа ќе биде скратена по 15 мај, кога секој од кандидатите треба да излезе со конкретна програма, но и со изјава дали ја прифаќа или одбива кандидатурата од страна на општинската организација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.