„Учи за да не бидеш овчар“ – оваа максима што уште се провлекува низ генерациите во Македонија е една од причините за намалувањето на добиточниот фонд.
Според сточарите, иако платата е 400 до 500 евра, а и државата обезбедува дополнителни субвенции, никој не сака да биде овчар. Заинтересираност за оваа работа, посебно кај младите, речиси не постои. Доколку некој и се нафати да биде овчар или говедар, ќе поработи некое време и потоа си оди. Ги остава на цедило сами да се грижат за добитокот.
Стручњаците, пак, предупредуваат дека дефицитот од овчари и од говедари не само што придонесува за намалување на сточниот фонд, туку индиректно го загрозува и производството на традиционална храна
– Оваа состојба трае подолго време и се заканува да го уништи традицоналното одгледување животни. Сточарите размислуваат да ги симнат овците од планините и да се преориентираат на шталско чување. Тоа во многу случаи ќе значи и крај на традициите за подготовка на бело сирење во мандри, изумирање на старите рецепти и затворање на многу фирми, кои опстојуваат во оваа дејност – вели Ивица Софрониевски од Бродец, Гостиварско, кој е архитект, но работи и во семејната фарма со 2.500 овци.
Помагаат и неговите браќа, но последните години имаат проблем да ангажираат луѓе за чување на овците.
– Нема овчари ниту за 500 евра плата. Никој не сака да седи во планина. Бараме помош во Албанија, но и оттаму доаѓаат постари лица – нагласува Софрониевски на чијашто фарма моментно работат осум овчари, од кои половината од Албанија.
Ситуацијата може да се подобри ако се поработи на инфраструктурата по планинските пасишта, кои, предочуваат стручњаците, како да се отсечени од цивилизацијата. Ретко каде има струја, а и селата се запустени. Мора да се спроведе и обука за овчари.
– Работиме со Министерството за образование на акредитација на овој модел, за обука на овчари и мандраџии. Кандидатите ќе престојуваат по еден месец на фарма, во планина. Обезбедено ќе им биде јадење, пиење, спиење.Теоретски ќе учат помалку, повеќе ќе бидат фокусирани на практичниот дел. Ќе се запознаат со сите обврски на фармата, со се што работат сточарите – информира Моме Младеновски од Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство.
Младеновски, кој е и претседател на Здружението на одгледувачи на автохтоната раса овци овчеполка праменка, причините за намалувањето на сточниот фонд ги гледа во ниската профитабилност, немањето инфраструктура, струја и интернет по планинските пасишта, како и во немањето жители во селата. Поради овие исти причини, додава, веројатно е мал и интересот за овчари.
Младеновски сугерира државата да обезбеди субвенции и за луѓе што „би им правеле друштво“ на овчарите во планина, односно, чијашто задача би била, како што објаснува, да престојуваат некое време со нив заради социјализација.
– Повеќе од 400 села во Македонија се без жители или со по максимум два-тројца, а овчарството за 30 години се сведе на една третина- заклучува Младеновски.
Софрониевски и Младеновски учествуваа на „Тера мадре Македонија“ во Битола што го организираше „Слоу фуд Македонија“ од 24 до 26 јуни годинава. Софрониевски, кој е дел од „Слоу фуд млади“, зборуваше на сесијата „Гласот на младите производители и потрошувачи за храната“, додека Младеновски имаше излагање на конференцијата „Биодиверзитет на млеко“.
„Тера мадре Македонија“ овозможи презентација на македонскиот биодиверзитет на храна и автентичните производи кои на трпезата ги соединија производителите, експертите и потрошувачите. Во фокусот на настанот беа зачувувањето на биодиверзитетот преку негово одржливо искористување, давање глас и видливост на малите производители на храна, размена на искуства меѓу производителите и посетителите и стекнување знаења, како и размена на идеи за решавање на актуелните проблеми за развојот на руралните средини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.