| четврток, 6 декември 2018 |

Европските Бразилци први полуфиналисти, Кварезма повторно среќен за Португалија (видео)

Репрезентацијата на Португалија е првиот учесник во полуфиналето на Европското првенство во Франција, откако по изведувањето на пенали ја совлада селекцијата на Полска во четврфиналето.
Важноста на натпреварот и влогот пласман во полуфинале не дозволи овие две репрезентации да го покажат целиот свој потенцијал и квалитет, па така во регуларниот дел и по двете продолженија мечот заврши 1-1. Головите беа постигнати уште во првото полувреме и потоа повеќе се размислуваше да не се прими гол отколку да се нападне противникот.

Португалците и на петтиот натпревар на овој шампионат по 90 минути игра не забележаа победа, но тоа очигледно воопшто не им пречи, бидејќи се најдобри кога е најпотребно и си обезбедија пласман меѓу најдобрите четири селекции на Стариот континент.

Полјаците го започнаа мечот онака како што посакуваа и веднаш уште на стартот од првата шанса поведоа со 1-0 преку Роберт Левандовски. Токму напаѓачот на Баерн Минхен се најде на вистинското место по една акција од левата на страна на Гросицки.

Сосема очекувано, по постигнатиот погодок избраниците на Навалка се обидоа да ја бранат предноста, но не успеаја во тоа. Младиот Ренато Санчез беше херојот на Португалија во првото полувреме, откако тинејџерот одигра двојно додавање со Нани и со прецизен удар од околу 16 метри израмни на 1-1.

Во вториот дел двете репрезетации беа концетрирани на средината на теренот не трошејќи ги премногу силите. Во една таква ситуација вреди да се издвои обидот на Милик од пет метри, кога Руи Патрисио одлично интервенираше, додека на спротивната страна Роналдо имаше една шанса, но од десетина метри откосо најдобриот португалски фудбалер шутираше непрецизно. Кристијано повторно беше во главна улога и во 86. минута, кога беше извонредно проигран од Мутињо зад противничката одбрана, но промаши цел фудбал и одличната шанса отиде во неврат.

portugalija 1

Во продолженијата дополнителните 30 минути не донесоа никакви возбудувања во двата шеснаесетници, па патникот во полуфиналето беше решен со изведување на удари од белата точка.

Серијата пенали ја почна Кристијано Роналдо, шутирајќи прецизно откако го испрати Фабијански на погрешната страна. Со иста мера возврати Роберт Левандовски. Ренато Санчез и Милик беа ефикасни во втората серија, исто како и Мутињо и Глик во третата пенал-серија.

rui patrisio

Нани беше прецизен во својот обид, а како клучно се покажа промашувањето на Блашчиковски, чиј удар Руи Патрисио го одбрани. Рикардо Кварезма, кој беше херој во осминафиналето, ја имаше меч-топката и максимално ја искористи шансата, шутирајќи под гредата за конечна победа на Португалија.

 

Португалија во првото полуфинале го чека победникот од утрешниот дуел меѓу Велс и Белгија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top