| четврток, 6 декември 2018 |

Истанбул: Полицаецот херој, кој спаси десетици цивили од смрт, преживеа (ВИДЕО)

Турските медиуми објавуваат дека Јасин Дурна е името на полицаецот, кој, благодарение на својата присебност, успеа да совлада еден од напаѓачите на аеродромот во Истанбул пред да биде активиран вториот експлозивен појас. Според пишувањето на порталот Хаберлер, Дурна, сепак, бил повреден во експлозијата, му била направена операција, но преживеал и се очекува да закрепне од повредите.

policaec

Дурна е херојот на крвавите настани на аеродромот во Истанбул. Благодарение на неговиот херојски чекор, многумина од цивилите што бегаа од напаѓачите добија шанса да избегаат на безбедно и да ја преживеат силната експлозија.

Како што може да се види од снимките што ги објавија повеќе светски агенции, Јасин зазеде сигурна позиција од која го начека терористот. Штом напаѓачот му се појави пред очи, полицаецот веднаш почнал да пука кон терористот. Од истрелите терористот падна, а неговото оружје му летна од раце. Полицаецот тогаш му се доближи да види кој е човекот што пука врз луѓето.

Сепак, тогаш забележа дека напаѓачот сè уште е жив и на себе има појас со експлозив. Сè што му преостануваше на полицаецот е да избега колку што може побрзо и подалеку. Експлозијата следуваше по само две секунди. Терористот се саморазнесе, уништи голем дел од терминалот, а беа повредени и други луѓе. Сепак, благодарение на полицаецот, многумина добија шанса да си гo спасат животот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top