Да се победат Англичаните не е лесно, но како што се покажа, не е ниту невозможно. Колку и да ја имаат најсилната и најинтересната лига во Светот, нивната репрезентација секогаш наоѓа начин да разочара. Сепак, во каков состав и да се, станува збор за сериозна фудбалска сила. Тоа јасно се гледа по овие бројки.
Во Англија, според официјалната статистика има 4.164.000 фубалери. Секако, не се сите професионални, многу од нив играат рекреативно, но сепак изборот е неспоредлив со исландскиот. Не е мала ниту бројката од 42 500 регистрирани фудбалски клубови, колку што ги има во Англија, споредено до бројот на жители на Исланд 323 000. Значи, во Исланд има 12 пати помалку жители, отколку што во Англија фудбалери!
Сепак, не може да се држиме само до бројките, треба и нешто друго за да се стигне до таков подвиг. Еве во што всушност лежи тајната на исландското фудбалско чудо…
Кога своевремено 110. селекција во светот го ангажирала познатиот швеѓанин Ларс Лагербек за селектор, нему набрзо му дале еден помошник – забар. Секако, не обичен. Хеимир Халгримсон навистина е заболекар. Тој многу го сака фубалот, па станал и локален тренер. Не бил лош, сметале во сојузот, па го назначиле како помошник на Легербек затоа што едниот имал фудбалско искуство во Европа, а другиот го познавал исландскиот менталитет. Така заеднички, идејата била да го насочат исландскиот брод во вистинска насока.
– Најпрво имав две задачи. Првата да ги потсетам и освестам фудбалерите што можат да направат, да ја всадам вербата во нив, а вториот да го потсетам овој народ што можат да направат заедно, кога ја бодрат својата репрезентација од трибините, вели Халгримсон.
– Јас сум забар. Мојата задача е со секој човек со кој работам да најдам начин да му е пријатно, да нема многу болка и тоа што треба да се направи да го сработиме заедно. Така со првата задача и немав многу проблеми, изјавил исландскиот селектор пред почетокот на ЕВРО 2016.
Што се однесува за втората, тренерот Халгримсон го вели следново:
– Тоа одеше малку… поинаку. Кога почнавме да работиме со репрезентацијата, воопшто немаше поддршка од навивачите. Така се одлучив да одам во Толфан, еден скоро пропаднат клуб на навивачи во Рејкјавик. Прекрасни момци и девојки, навистина. Имаат свој паб, а јас им кажав: Два, два и пол часа пред секој наш натпревар што ќе го играме дома, ќе доаѓам во овој паб и ќе ви кажувам се што сме спреимле за тој меч. Секогаш први ќе ја знаете стартната постава. За мечот со Фарски острови, дојдоа се на се околу десетина луѓе на стадионот. Нависитна, како што им ветив, претходно им го кажав стартниот состав, им кажав како ќе играме, им го покажав мотивацниониот спот кој беше подготвен за фудбалерите и ги замолив да го погледнат. Еве, како што времето минува кога одам во тој паб пред секој наш меч, сега има по 400 луѓе само таму. Се менува полека и културата на навивање. Порано Исланѓаните дури и доцнеа на натпреварите, а сега доаѓаат еден час порано, во пабовите се собираат во дресови и ја гледаат репрезентацијата. Знам дека ова не е нешто што селекторите го прават, но тоа е… ние сме Исланѓани и не се двоумиме да бидеме малку поразлични, раскажува Халгримсон.
Да се привлече публика е едно, но да се организира тимот е нешто многу поважно…
– Како што знаете, ние немаме многу познати играчи. Ете, Гудјонсен е еден од ретките кој играше во Челзи, Барселона и ја освои на Лигата на Шампионите. За многумина би било нормално тој да дојде на тренинзите на репрезентацијата и да каже, ќе правиме вака или онака. Но, за работите да функционираат, треба да ги поставите како што е редот. Кога ќе се сретнете со толку различни личности, кои пак сите тренираат на различен начин, тогаш мора да се воведат строги правила. Просто, играчите мораат да работат како што им кажува тренерот. Знаењето од клубот е нешто друго. Треба да им се каже: Тука се игра вака, а потоа да им објасните зошто е битно да ги следат инструкциите, вели Халгримсон.
– Ние бевме на чекор да обезбедиме пласман на минатиот Мундијал, но Хрватите не исфрлија во двата бараж меча. Немавме причина многу да жалиме, навистина наидовме на посилен ривал. Но тоа што стигнавме толку далеку, ни даде сомодоверба дека ќе успееме да се пласираме на ЕВРО 2016. Едноставно, верувавме дека е ова нашето време, исто како што веруваме и сега, се присетува селексторот кој додава:
– Со цело срце верував дека ќе ја минеме групата, а потоа знаев дека не чека силен противник. Статистички ќе немаме никаква шанса, ама…
Исландска бајка, звучи неверојатно, како и сите останати. Голманот навистина им е режисер, но многу сака фудбал…селекторот заболекар нели, но со визија… Кој и да биде новиот фудбалски шампион на Европа, никој нема да го заборави овој подвиг на Исланѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.