Македонската репрезентација загуби на гостувањето против Исланд со резултат 30-29, втор пораз на нашиот национален тим во квалификациите за ЕП 2018. Раул Гонзалес го претрпе првиот пораз како селектор на „црвено-жолтите“, откако нашите репрезентативци одиграа беспрекорно прво полувреме, за потоа во вториот дел да дојде до значаен пад во играта во нападот, што беше искористено од страна на домаќините. Борко Ристовски беше одличен на голот на Македонија, но за жал тоа не беше доволно за да се стигне до позитивен резултат на шестото гостување што националниот тим го имаше во Рејкјавик.
Охрабрени од првиот меч во Скопје, македонските ракометари одлично го почнаа натпреварот. Борко Ристовски на самиот старт му одбрани пенал на Сигурдсон, додека нападот функционираше беспрекорно. Со исклучок на Талески, сите останати оружја на Раул Гонзалес проработеа, Лазаров погодуваше без проблеми, Миркуловски беше одличен, Стоилов им созаде многу проблеми на линијата, а во однос на првиот меч се разбуди и Манасков, кој постигна четири гола во првото полувреме.
Како утеха конечната разлика беше пониска од оние плус пет во Скопје, што би можело да биде од големо значење доколку ја завршиме групата со идентичен број на бодови.
Кире Лазаров со осум гола беше најефикасен во нашиот национален тим, пред Манасков со шест и Миркуловскси и Стоилов со по пет гола, додека Борко Ристовски беше одличен на голот со 15 успешни интервенции.
По четири одиграни кола сите четири селекции од нашата група имаат идентичен скор од две победи и два порази. Македонија во петтото коло гостува во Украина, а во решавачката шеста рунда нашата национална селекција ќе ја пречека Чешка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.