Меѓународната асоцијација на кина УНИК 1 (UNIC1) го прогласи „Синеплекс“ за најдобар синџир кина во Европа. Наградата „Киноприкажувач на годината“ на 23 јуни му беше доделена на Кристијан Лангхамер, основач и управител на компанијата „Синеплекс“ на годинашната конвенција „Кино Европа“ во Барселона, која претставува најголем европски саем во филмската индустрија. Истовремено, киното „Синеплекс“ во Македонија кон крајот на минатата година го дочека својот милионити посетител.
Наградата „Киноприкажувач на годината“ се доделува еднаш годишно на прикажувач, кој со своите резултати, нови проекти, пораст и позиција на пазарот ќе придонесе за поместување на границите во оваа индустрија.
„Многу сум среќен за оваа награда, која сакам да ја поделам со мојот тим и вработените, кои во моментов ги има повеќе од 1.300. Посебно му се заблагодарувам на бизнис партнерот Кристоф Папусек“, изјави Кристијан Лангхамер по доделувањето. Кристијан заедно со Кристоф Папусек во 2009 година ја основал компанијата „Синеплекс интернешнел“, со која го поставиле камен-темелникот за развој на кина надвор од Австрија. „Синеплекс“ во моментов успешно работи и во Македонија, Италија, Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Албанија и во Грција.
Ендру Саншајн, извршниот директор на „Кино Европа“ изјавил дека „Синеплекс“ е еден од најмладите и најуспешните киноприкажувачи во Европа и за овој успех се пресудни лидерските способности и вештини на Кристијан Лангхамер. Фил Клап, претседател на Меѓународната асоцијација на кина УНИК изјавил: „Синеплекс стана еден од најдинамичните и најиновативните паневропски киноприкажувач. Неизмерно ја вреднуваме нивната посветеност за обнова и развој на културата за посета на кино во југоисточна Европа“.
„Синеплекс“ е меѓу првите кина, кои целосно го врши процесот на дигитализација и е во постојана потрага да им ги понуди на своите посетители некои од најсовремените технологии. Моментално во Австрија, „Синеплекс“ прикажува филмови во ИМАКС технологија на пет локации, додека минатата година е успешно отворено „долби“ кино во Линц, прв на германско говорно подрачје.
Денес „Синеплекс“ има силно присуство на пазарот со вкупно 41 мултиплекс и 6 традиционални кина во Австрија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Македонија, Албанија, Грција и Италија, а нуди 296 кино сали со над 64.000 седишта. Со околу 1.300 вработени, кината „Синеплекс„ годишно имаат по 12 милиони посетители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.