| четврток, 6 декември 2018 |

Универзитетот „Дамјан Груев“ за ВМРО-ДПМНЕ крај на монополите на одредени факултети, за СДСМ дом за партиски војници

sobranieСо формирањето на новиот Универзитет „Дамјан Груев“ ќе се срушат монополите на одредени факултети, зголемување на конкуренцијата во Високото образование и решавање на голем број проблеми на студентите, смета ВМРО-ДПМНЕ.

– Јавната тајна дека на дел од факултетите во Скопје и дел од професорите во Скопје, постои чување на монополот, чување на фамилијарните релации и потврдената фактичка состојба со акцијата на Јавното обвинителство и МВР со која што беа уапсени видни професори од Економскиот факултет во Скопје ни дава право да кажеме дека дискусијата и дебатата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу новиот Универзитет „Дамјан Груев“ се сведува на дискусија и дебата дали во Република Македонија треба да го заштитиме монополот на поедини факултети и поедни професори како што се залага СДСМ или пак треба да дозволиме да ја стимулираме и да ја помогнеме конкуренцијата за која што се залага ВМРО-ДПМНЕ, истакна на прес конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски реагирајќи на обвинувањата на СДСМ дека законот се носи незаконски и во брза постапка.

-Ваквото класично шверцерско носење закон за формирање Универзитет по скратена постапка е уште една голема потврда дека на ВМРО-ДПМНЕ најважно му е да ги вдоми своите партиски војници, а воопшто не му е важно образованието во Република Македонија“- истакна претходно на прес-конференција во македонскиот Парламент координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески.

Формирањето на новиот Универзитет „Дамјан Груев“, според Илија Димовски, ќе биде одговор на многу проблеми кои што ги имаат илјадници и илјадници студенти и студентки на досегашните факултети. Додаде дека фактот оти зад Универзитетот „Дамјан Груев“ ќе стои државата со целиот свој капацитет, создава гаранција дека тој ќе биде квалитативно конкурентен.

– Не се согласувам со тезата дека ова се носи набрзина. Сакам да потенцирам дека дебатата околу формирањето на новиот Универзитет „Дамјан Груев“ во ова Собрание трае повеќе од 100 дена. Таа дебата континуирано и секојдневно паралено со седницата на Собрание се случуваше на Комисијата за образование, наука и спорт. На таа дебата беа изнесени покрај многуте неважни и политички празни дискусии, имаше и дискусии во кои што беа изнесени стотици и стотици аргументи за и против гласањето за основање на нов државен универзитет во Скопје- додаде Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top