| четврток, 6 декември 2018 |

Шпанија: Победа на Рахој, ама без апсолутно мнозинство

rajoy_valencia1Конзервативната Народна партија на премиерот во техничката влада Маријано Рахој освои најмногу места во шпанскиот парламент на изборите одржани во неделата, но нема да има апсолутно мнозинство за самостојно формирање влада, покажуваат резултатите по пребројаните 92 отсто гласови. Бидејќи сегашните резултати не се разликуваат премногу од оние од изборите во декември, можна е нова политичка блокада и во тој случај Шпанија може да остане без влада до есенва.

Народната партија освои 32 отсто од гласовите и ќе има 136 места во парламентот, додека за апсолутно мнозинство и беа потребни 176 места. Оваа партија во декември имаше 123 од вкупно 350 места во парламентот.

Социјалистичката партија на левиот центар е на второ место со 23 отсто од гласовите и 86 места во парламентот. Тоа е за 4 помалку споредено со декември.

Подемос и коалицијата која се противи на мерките за штедење е на трето место и добива 71 пратеничко место.

Шпанците по шест месеци повторно гласаа на предвремени избори за да овозможат да се формира каква било влада во земјата откако Народната партија не успеа да собере доволно мнозинство за да формира коалиција. Во декември ниту една од поголемите партии не успеа да формира коалиција до рокот што истече на 2 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top