Утре во Друштвото на писателите на Македонија, во 10 часот, во рамките на манифестацијата „Празник на липите“, на свечен начин ќе бидат врачени наградите „Книжевно жезло“ за творечки опус на поетите Цане Андреевски (Македонија) и Јован Зивлак (Србија). Наградите ќе ги врачи претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за лауреатите ќе зборуваат акад. Георги Старделов и Санде Стојчевски. Притоа ќе биде промовирана книга со избори од поезијата на Цане Андреевски и Јован Зивлак, во издание на ДПМ.
Манифестацијата „Празник на липите“ ќе ја отвори писателот Владимир Мартиновски, претседател на Организациониот одбор, а традиционалната порака ќе ја испрати покровителот на средбата Коце Трајановски, градоначалник на Скопје.
На митингот „Поетите за Скопје“, што ќе започне во 12 часот, ќе настапат 25 автори од различни генерации кои живеат и создаваат во главниот град на земјата, но и во Битола, Тетово, Охрид, Струмица, Прилеп, Радовиш, Велес, Кичево, Дебар, Свети Николе, Кочани, Куманово, Струга и Гевгелија. Поетската порака од митингот ќе ја испрати Иван Антоновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.