| четврток, 6 декември 2018 |

Со музичко-сценскиот перформанс на „Фолтин“ почнува „Битола Шекспир фестивал“

Со музичко-сценскиот перформанс на култната битолска група „Фолтин“, која подготви музичка програма инспирирана од делата на Шекспир, вечерва во Центарот за култура во Битола со почеток во 20 часот официјално почнува четвртото по ред издание на интернационалниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“.

bitola sekspir festival

Во перформансот, кој е насловен „Шекспир засекогаш“, ќе учествуваат актери од Санкт Петерсбург, Русија, како и од Народниот театар од Битола.

Во следните денови на програмата на годинашното фестивалско издание, кое се одржува во рамките на светската прослава на јубилејот ­ 400 години од смртта на Шекспир, се претстави од театарски куќи од Србија, Израел, Соединетите Американски Држави, две претстави од Полска, една претстава во изведба на актерите од Турскиот театар од Скопје, како и две претстави од Битолскиот театар. Годинава ќе се презентира и копродукцискиот проект помеѓу компанијата „Лит Мун“ од САД и Битолскиот театар, кој предвидува четири кратки претстави со мешани екипи од двете компании. Во рамките на фестивалот ќе се одржат и две работилници и презентација на книги печатени во 3Д технологија, организирани од полски уметници, а посветени на делото на Шекспир.

„Битола Шекспир фестивал“, кој се одржува со поддршка на Министерството за култура, од годинава е полноправна членка на Европската асоцијација на Шекспир фестивали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top