| четврток, 6 декември 2018 |

Фаворитот изненаден од дебитантот, Португалија ремизираше со Исланд (видео)

Народот во Исланд ќе го памети 14.јуни долго во својата историја бидејќи во дебитантскиот настап на Европските првенства успеа да освои бод против големиот фаворит Португалија на шампионатот во Франција во рамките од првото коло од групата Ф.

portugalija

Португалија имаше и игра и резултат по водството од 1-0 со голот на Нани, но Исланѓаните играа храбро, не се откажаа и успеаја најпрвин да израмнат на 1-1, а потоа и да одолеат на притисокот на противникот и да освојат бод на отворањето на овој шампионат.

Иако дебитант Исланд одлично го започна натпреварот и не подлегна на психолошкиот притисок и веднаш уште на стартот од мечот се закани кон голот на Португалците. Сигурдсон се најде во одлична ситуација по само три минути игра, но „десетката“ на Исланд во два наврати не успеа да го совлада противничкиот голман. Португалија потоа ја презеде иницијативата и почна да се заканува, при што првата посериозна шанса ја пропушти Нани, кој не го искористи одличното додавање на Роналдо и од пет метри со глава биеше само во голманот Халдорсон. Нани беше прецизен во 31. минута, кога по одличната акција по десната страна и додавањето на Гомеш биеше прецизно и ја доведе Португалија во водство.

portugalija

Фаворитот како да се опушти по водечкиот гол, а Исланд знаеше како да го казни тоа на самиот почеток од второто полувреме, откако Бјарнасон неочекувано се најде осамен по еден центаршут од десната страна и со силен волеј удар го матираше Руи Патрисио.

Португалците повторно тргнаа во офанзива, Нани биеше со глава за малку непрецизно, а селекторот Сантош потоа ги внесе во игра Ренато Санчез и Рикардо Кварезма. Најпрвин по корнер од левата страна Пепе шутираше за малку над гредата, а најубавата шанса во финишот ја пропушти Кристијано Роналдо, кој доби фантастично додавање од Нани, но од пет-шест метри шутираше директно во голманот Халдорсон. Многу лесно можеше да се случи една минута подоцна да стигне казна на спротивната страна,Финбогасон опасно шутираше од десетина метри, но Руи Патрисио се најде на вистинското место и го одбрани шутот на исландскиот голгетер.

Така, на крајот овој натпревар заврши со израмнети 1-1, па по првото коло неочекувано на чело на табелата во оваа група Ф се наоѓа Унгарија со три бода, пред Португалија и Исланд со по еден и Австрија, која е без бодови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top