Кога остана без војници, Шарената револуција почна да прогласува јунаци. Засега не се многу, цел еден, но од еден мора да се почне. Вооружен со неколку полухистерични шарки, актуелни периодов што поради горештините што поради шарениот променади, силен пред камери, во стилот на Шербеџија во „Пред дождот“ се исправи пред специјалците на ЕБР, ги рашири рацете, демек го разоружа срцето, го провери грбот и извика: „Тепајте, браќа, пукајте ајде!“.
И полетаа првите наслови: „Јуначки потег на Дамјан Манчевски: Тепајте браќа“, „ИНЦИДЕНТ: Полицијата го тепа народот – Манчевски кон полицијата: Тепајте браќа, пукајте ајде!!!“, „ Манчевски кон полицијата: Тепајте браќа, пукајте ајде!!!“, три извичници, големи букви, зацрнети наслови, да трепка, да се види, да се чуе – јунак се роди! И ако мислевте дека јуначкиот театар завршува во насловот, сте се излажале. Јунаштвото на Дамјан Манчевски допрва станува епско, безмалку митско: „Се создаде мал метеж, но полицајците сепак не се осмелија да ги тепаат мирните демонстранти. Несекојдневен и смел потег. Браво за Дамјан!“. Да се наежи човек! Полицијата не се осмелила да тепа мирни демонстранти! Демек полицајците замавнале, ама им се исперчил храбриот Даме и ги стресле гаќите. Па барем снимка да немаше, ни сведоци, да се сретнеа во темно сокаче, па ќе му верувавме на зборот геровски.
Текстот е објавен во 197 број на неделникот „Република“, на 10 јуни 2016 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.