Во серијата заминувања од РК Вардар се приклучува и капитенот Филип Лазаров. Непосредно пред настапот на Лазаров со македонската репрезентација во баражот против Чешка, од раководството на македонскиот шампион на капитенот му се заблагодариле за соработката и го известиле дека ќе треба да си бара нова средина.
По Дејан Манасков кој две години пред истекот на тригодишниот договор со Вардар се пресели во германскиот првак Рајн Некар Левен, Филип Лазаров е вториот македонскиот репрезентативец што летово ги напушта „црвено-црните“.
Филип Лазаров во Вардар дојде во 2011 година од Пелистер каде настапуваше кратко по заминувањето од Металург. Неофицијално, постои голема веројатност Лазаров повторно да се врати во Автокоманда. Пред пет години Филип Лазаров си замина од Металург поради несогласувањата со тренерот Лино Червар. Но, откако Червар стана селектор на македонската репрезентација, се поправаат и старите недоразбирања со поголем дел од репрезентативците, па не е исклучена и новата клупска соработка со некои од нив.
Од Вардар на крајот на сезоната си заминаа и Алем Тоскиќ, Матјаж Брумен и Сергеј Горбок. Неофицијално беше најавено и заминувањето на средниот бек, Игор Карачиќ, кој има понуда од Веспрем и на пикерот, Мијајло Марсениќ. Нови имиња во Вардар од следната сезона се шпанскиот репрезентативец Јоан Канелјас, Хрватот Иван Чупиќ и Бразилецот Рожерио Мораес Фереира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.