| четврток, 6 декември 2018 |

Голема победа за Италијанците на стартот од ЕП (видео)

italy-belgium-euro2016

Фудбалерите на Италија ја совладаа селекцијата на Белгија со 2-0 во дербито од првото коло во групата Е на Европското првенство во Франција.

Во крајно тактички возбудлив натпревар, Италијанците во свој стил, со цврста одбрана и одлични контри стигнаа го големи три бода. Стрелец на водечкиот гол беше Џакерини во 32. минута, а конечните 2-0 ги постави Пеле во дополнителниот период.

После првото коло во групата Е, Италијанците водат на табелата со три бода, Шведска и Ирска имаат по еден бод, а Балгија е без бодови. Во следното коло играат Италија – Шведска и Белгија – Ирска.

Иако настапија, барем според имињата, со недоволно убедлив состав, италијанските фудбалери одиграа одлично прво полувреме, имаа неколку добри шанси.

Во 32. минута Леонардо Бонучи упати милиметарски прецизна долга топка од својата половина. ја префрли целата одбрана на Белгија, а Џакерини феноменално ја прифати топката и биеше прецизно за 1-0.

italy-belgium-1-euro2016

Италијанците имаа уште две добри шанси во првите 45 минути, Кандрева одлично шутираше од далечина, но Куртоа исфрли во корнер.

Грацијано Пеле имаше одлична шанса да го зголеми водството на Италија, остана сам на пет метри од голот, но неговиот удар со глава заврши покрај стативата.

italy-belgium-5-euro2016

Белгијците имаа само еден посериозен шут во рамките на голот, Наинголан се обиде, но добро беше поставен Џиџи Буфон.

Второто полувреме започна многу повозбудливо и после шест минути на двете страни имаше две огромни шанси за погодок.

Во 51. минута, по школската контра во три потези, Де Брујн го проигра Лукаку кој се најде сам пред Буфон, но неговиот шут заврши над пречката.

italy-belgium-2-euro2016

Само минута подоцна, на спротивната страна Пеле ги надскока сите во петерецот, биеше со глава, но овој пат Куртоа одлично интервенираше.

Италијанците на свој препознатлив начин, искусно го успорија ритамот, ја „умртвеа“ играта и Белгијците тешко стигаа до шанса за шут.

Белгијскиот селектор Вилмотс се обиде да ја подобри играта со замени, Мертенс, Ориги и Караско влегоа на местата на Наинголан, Лукаку и Караска, но ниту тоа не им помогна на Белгијците.

Италијанскиот селектор Антонио Конте во 58. минута во игра го внесе дефанзивецот Де Шилјио на местото на Дармијан, а на 15 минути пред крајот Имобиле доби шанса, а го замени Едер.

Ориги беше најопасниот играч во финишот на мечот, прво се обиде со удар со глава преку голот, а потоа имаше неуспешен обид со „ножички“ од пет метри пред голот.

Италијанците во 84. минута имаа голема шанса да ги решат сите дилеми околу победникот, Имобиле повлече контра напад, ја водеше топката скоро 50 метри, а потоа упати силен удар во поблискиот агол од голот, но Куртоа уште еднаш имаше феноменална интервенција.

Во последната минута, Белгија уште еднаш се закани, Де Брујн ја започна акцијата, Ориги проигра со глава, ја прифати Фелаини, но Пеле интервенираше и успеа да ја отстрани опасноста пред голот.

italy-belgium-4-euro2016

Во дополнителните минути Италијанците се најдоа во нов контра напад, Кандрева несебично го проигра Пеле, кој со полуволеј удар ја затресе мрежата за конечни 2-0 и важни три бода за италијанската репрезентација.

 

Утре на програмата се:

Австрија – Унгарија 18:00ч.
Португалија – Исланд  21:00ч.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top