| четврток, 6 декември 2018 |

Касилјас или Де Геа? Дел Боске не може да одлучи

vicente-del-bosque

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Висенте дел Боске изјави дека се уште не одлучил кој голман ќе стартува на мечот против Чешка, во првото коло од групата Д на Европското првенство.

Дел Боске треба да одбере помеѓу Икер Касиљас и Давид де Геа, кој е обвинет од една жена дека пред четири години ја приморал на секс со двајца други соиграчи од младинската репрезентација. Де Геа го негираше тоа.

„Размислуваме за секоја позиција во тимот, не само за голманите. Конечната одлука ќе ја донесам утре“, изјави Дел Боске.

Касиљас со години беше стандарден и ја предводеше Шпанија до две титули европски и една светски шампион, но после повеќе од една деценија сега мора да се бори за место во првиот тим со Де Геа, за кого медиумите пишуваа дека, после одличните настапи во Манчестер Јунајтед, ќе биде прв голман на шпанската репрезентација на ЕП во Франција.

„Ќе превземеме нешто ако видиме дека целата оваа ситуација делува на него. Ако не, ќе направиме сѐ како до сега“, додаде Дел Боске.

Де Геа беше стартер во пријателскиот натпревар против Грузија, кој Шпанците го загубија со 0-1 на домашен терен минатата недела. Дел Боске тогаш изјави дека тоа што Давид бил стартер против 137. репрезентација во светот, не значи дека ќе брани против Чешка.

Де Геа во петокот мораше да се обрати на соиграчите и медиумите. Шпанските власти не го тужат, но потврдија дека неговото име се спомнува во судката документација.

„Нема причина да не му веруваме“, рече Дел Боске.

„Имав одлична сезона во Манчестер. Ќе видиме што ќе се случи. Ќе прифатам била каква одлука на селекторот“, изјави 25-годишниот голман.

Трет голман на Шпанија на ЕП е Серхио Рико од Севилја.

Касиљас во последната деценија освои три големи трофеи со репрезентацијата, но беше и меѓу играчите кои одиграа лошо на последното Светско првенство во Бразил 2014 година, кога како бранители на титулата Шпанците испаднаа уште во групната фаза. Минатата година Икер премина од Реал Мадрид во Порто, каде немаше баш најсјајна сезона.

Првиот натпревар на ЕП во Франција шпанската репрезентација го игра утре во 15:00 часот против Чешка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top